Skip to main content

Гестациски недели:

14-та гестациска недела: Големото прашање - момче или девојче?

Во 14-тата недела, Вие сте на половина од четвртиот месец од бременоста, и сега сте во вториот триместар.

Големина на Вашето бебе во 14-тата недела од бременоста

Вашето бебе е пораснато со големина до 8 cm (отприлика колку една праска), а неговата тежина сега е околу 31 грам (тежина отприлика колку  половина праска).

Развој на Вашето бебе

Карактеристиките на лицето на Вашето бебе продолжуваат да се развиваат. Нивната глава е сè уште непропорционално голема, но сега нејзиниот раст се забавува, така што се повеќе се изедначува пропорцијата на главата и телото кое почнува да наликува на тело на новороденче. Неговите очи сега се на вистинското место, на средишниот дел од лицето а ушите се таму каде што треба, на двете страни на средината на неговата глава.

Дали веќе сакате да го знаете полот на Вашето дете? Или сакате да биде изненадување? Оваа недела, Вашиот гинеколог можеби ќе може да каже дали очекувате момче или девојче, бидејќи сега се развиваат специфичните полови органи на Вашето бебе. Доколку не сакате да знаете, не заборавајте да го напоменете тоа пред секој преглед. Имајте на ум дека во оваа фаза полот нема да може секогаш со сигурност да се препознае на ултразвук, и затоа немојте да се разочарувате ако Вашиот лекар не може да Ви каже каков пол е Вашето бебе – во матката се движи постојано и ја менува својата положба, што може да го оневозможи добриот поглед на тој дел од телото, особено ако едната нога е поставена нанапред.

Вашето бебе ќе ја пие плодовата вода (ќе вежба голтање) и ќе ја излачува, а приближно на секои три часа, плодовата вода ќе се обновува преку Вашиот крвоток. Исто така, ќе продолжуви да го тренира својот рефлекс на цицање, кој сега вклучува посилно цицање на палецот, што ќе овозможи да функционира совршено доењето откако ќе се родат.

Како се чувствува идната мајка во 14-тата недела од бременоста

Повеќето луѓе од Вашето семејство и пријатели сега знаат дека сте бремени, што веројатно ќе Ви биде олеснување – сигурно Ви беше многу тешко толку долго да ја задржите оваа убава вест само за себе. Вашиот работодавец треба да знае за тоа до 14-та недела за да може да се уредат законските одредби за Вас и Вашето неродено дете.

Ако сте самовработени или хонорарци, бидете свесни дека ја немате оваа заштита, па на Вас останува да си го одредите работното време и рокови и да се придржувате до упатствата за здравје и безбедност. Бидете разумни и погрижете се да имате удобна и безбедна работна средина. Искористете ја можноста да го реорганизирате Вашиот работен распоред и дајте си повеќе паузи за да можете малку повеќе да се одморите и да јадете кога сакате. Ако работите на биро, погрижете се да можете удобно да седите без да бидете принудени да бидете само во една положба. Исто така, добра идеја е одвреме - навреме да правите кратки вежби  за да ја избегнете појавата на грчеви. На крајот на краиштата, сè што правите треба да биде фокусирано на Вашето здравје и развојот на Вашето бебе.

Вообичаени знаци и симптоми

Зголемување на телесната тежина

И понатаму ќе продолжите да добивате на телесна тежина, иако не може да се предвиди точното зголемување за секоја жена одделно. До 25-тата  недела, ќе добивате околу 250-300 грама неделно, а од тогаш до 40-тата недела, тоа ќе биде околу 400-500 грама неделно. Вашата тежина на крајот од бременоста ќе се состои од следново:

  • Вашиот волумен на крв: 1500-2000 грама
  • Вода во ткивата: 2000 - 3000 грама
  • Амнионска течност: 1000-1500 грама
  • Тежина на матка: 1000-1500 грама
  • Тежина на гради: 500-1000 грама
  • Резерви на масти и протеини: 1900 грама
  • Тежина на вашето бебе: 3000-4000 грама
  • Масно ткиво: 3500-5000
  • Плацента: 500-1000 грама

Ова се приближни вредности кои секако не се однесуваат за секоја жена, но јасно покажуваат како Вашата тежина се зголемува во текот на бременоста.

Движење на Вашето бебе

Можеби веќе почувствувавте како Вашето бебе се движи во стомакот, понекогаш доста енергично, особено ако ова не е Ваша прва бременост. Ако ова е Ваша прва бременост, одвојте време и обидете се да останете целосно мирни - можеби ќе почувствувате само мало трнење, како пеперутка што мавта со крилјата. Тоа е Вашето дете, чии движења предизвикуваат бранови во плодовата вода. Бидете трпеливи и запомнете: иако тоа не е она што го сакате во моментов, во одреден момент, ќе посакате Вашиот стомак повторно да биде мирен и тивок, на пр. кога сакате да спиете, а Вашето бебе  постојано се движи, ги вежба своите рефлекси и се обидува да комуницира со Вас.

Вашето тело прави чуда

Освен болните гради и грчевите, не би требало да  чувствувате други големи симптоми до 14-тата недела. Не би требало да се чувствувате уморни како порано, иако можеби не сте толку енергични  како пред бременоста. Ова може да обесхрабри многу бремени жени, но запомнете, Вашето тело врши двојна должност – затоа направете се што можете за да му помогнете.

Доколку забележите ненадејно крварење, известете го веднаш Вашиот лекар, бидејќи тоа може да е сериозен проблем. Тоа се однесува за текот на целата бременост.

Важни совети

  • Редовно јадете мали оброци и обидете се почесто да јадете овошје.
  • Седењето на пилатес топка може да Ви биде поудобно отколку седењето на столица.
  • Земете ароматизиран камен со вашиот омилен мирис, кој можете да го носите со себе каде и да одите, за никогаш да не морате да останете без мирис кој Ви одговара и Ве опушта.
  • Секогаш имајте при рака термос со омилениот чај или шише вода, што ќе Ве потсетува дека треба да внесете 2 литра течност дневно.
  • Ладниот или млак туш може да Ви помогне да се ослободите од безволноста што може да ја почувствувате наутро. Не само што ќе Ве разбуди, туку и ќе помогне да се спречи појавата на стриите.

Прашања кои сакате да му ги поставите на Вашиот лекар

Медицински жаргон

Лекарите имаат свој јазик кога разговараат еден со друг и често тоа може да биде тешко да се следи. Не бидете срамежлива - прашајте што мислат кога го користат овој или оној збор. Идните мајки се разликуваат, па ако сте некој кој треба да го знае секој детал за да се смирите, слободно прашајте!  

Информации за авторот:

Juliane Jacke-Gerlitz е регистрирана медицинска сестра. Повеќе од десет години таа ги советува мајките и доилките. Моментално работи како медицински писател и психолошки консултант. Juliane Jacke-Gerlitz е во брак 22 години, мајка е на осум деца и живее со нејзиното семејство во Halle.