Skip to main content

Гестациски недели:

21-ва гестациска недела - Вашето бебе развива ритам на спиење

Големина на Вашето бебе во 21-вата недела од бременоста

Вашето бебе сега е долго околу 27 см, отприлика  колку голем морков или аспарагус.

Со тежина од околу 350, на бебето ќе му треба уште малку време за да постигне тежина од околу половина килограм. Моменталната тежина е приближно еднаква на тежината на модар патлиџан. 

Развој на Вашето бебе

Главниот развој во 21-та недела од бременоста е формирање на гребени на черепот на вашето бебе т.нар. фонтанели. Фонтанелата не се затвора во целост дури ни неколку месеци по раѓањето.

Вашето бебе продолжува да се развива и да го усовршува својот ритам на спиење, што е важна фаза во неговиот развој.

На ултразвук сега можете да видите како бебето ја зазема омилената позиција за спиење. Може да се забележи дека неродените бебиња во матката ја спуштаат главата да се наслони на рамењата, или пак на пример ги ставаат рачињата под брадата за потпирање на главата. Друга позиција на спиење е со повлекување на брадата кон градите, и како резултат на тоа се дава потпора на главата. 

Како и кај децата по раѓањето, фактори кои влијаат на спиењето се бучавата и светлината. Друг важен фактор е исхраната на мајката. По мајчиниот оброк започнува работата на цревата, бебето се храни и спремно е за активности. 

Во 21-вата недела од бременоста, се повеќе се усовршува изгледот на лицето на Вашето бебе. Освен што има изразени веѓи, сега може да се видат и трепките. 

Кожата се затегнува и почнуваат да се формираат двата главни слоја, епидермисот и дермисот.

Како што веќе сте забележале, Вашето бебе е многу активно во 21-вата недела од бременоста и веќе може да удира доста силно. Често се врти и посегнува по папочната врвца за да ја повлече. Дополнително, наизменично ги цица палчињата и голта плодова вода.  

Бебето сега може да ја преработува плодовата вода која ја консумира, бидејќи дигестивниот систем ја одвојува водата од другите супстанции кои ги содржи. Можете да  видите како бебето се движи додека активно го тренира својот дигестивен систем, иако неговите црева нема да бидат целосно развиени и способни да сварат сè што јаде додека не наполни 12 месеци. Токму поради ова често страдаат од грчеви во стомакот откако ќе се родат.

Нервите за вкус и папилите за вкус на Вашето бебе сега се развиени до степен што може да го вкусат она што го јадете, бидејќи вкусовите на храната влегуваат во плодовата вода што ја внесува. Подоцна, тие ќе ги препознаат овие вкусови кога ќе ја видат храната во нивната чинија, па колку е поразновидна вашата исхрана, толку подобро.

Како се чувствува идната мајка во 21-вата недела од бременоста

Од 21-вата недела, Вашето бебе се повеќе ќе се  движи. Како ќе продолжува растот, движењето ќе се засилува во секоја недела од бременоста. Моменталното движење не може да се види однадвор. Само вие можеби ги чувствувате детските вежбања. Сега секој пат инстиктивно ќе одговорите со комуникација со детето во која тоа вистински ќе ужива.

Вообичаени знаци и симптоми

Како расте Вашето бебе, Вашиот стомак ќе биде се позаоблен. Поради ова ќе се зголеми и притисокот на Вашите внатрешни органи кои матката полека ќе ги поместува. Тој раст, недостатокот од простор за Вашите други органи и влијанието на Вашите хормони по некое време може да предизвика различни симптоми. 

Грчеви во мускулите на нозете

Во 21-вата недела полека почнува да се зголемува потребата за магнезиум. Се почесто ќе забележувате грчеви во нозете, кои може да се појават изненадно. Особено често ова се случува навечер, кога Вашите мускули се смирени и опуштени.  

Првото нешто кое можете да го направите е масажа на површината која е засегната, и ова повторно ќе ги опушти мускулите. Друго што треба да направите е да јадете храна која е богата со магнезиум. 

Опстипација (запек) и гасови

Зголемениот притисок од матката на цревата може да предизвика неправилност во работењето на цревата. Најчесто тоа е опстипација или запек. Дополнително ова може да предизвика појава на гасови во 21-вата недела. 

Постојат чаеви што можете да ги пиете секој ден, како што е органскиот чај од коморач на HiPP, кој може да помогне при гасовите за време на бременоста со смирување на цревата.

Сепак, главниот начин да избегнете појава на запек и гасови е да го зголемите внесот на течности и да ја намалите внес на некои храни како зелка, грав, лук и кромид, за кои е познато дека може да предизвикаат гасови.

Инфекции на уринарниот тракт

Како што напредува Вашата бременост, карлицата ќе се проширува и отвора, а мускулите и зглобовите ќе се релаксираат, а мукозните мембрани во Вашето тело ќе стануваат почувствителни. Ова го  олеснува влезот на бактериите и патогените да навлезат во уретрата, што може да резултира со инфекција на мочниот меур.

Во 21-вата недела, Вашата карлица е исто така чувствителна на ниски температури, затоа погрижете се да се топлите и редовно да одите во тоалет и да не ја игнорирате потребата за мокрење.  Пиењето многу течности е исто така ефикасен начин да се избегнат инфекции на уринарниот тракт, бидејќи помага да се „измијат“ Вашите уринарни органи (особено мочниот меур) и ја намалуваат  количината на бактерии кои можеби се навлегле таму.

Совет од акушерка

„Обидете се да носите памучна долна облека колку што е можно повеќе - иако можеби не е толку фенси како другата долна облека, таа пропушта воздух, и на тој начин помага да се заштитите од бактериски и габични инфекции.“ Dorothee Kutz, акушерка

Важни совети

  • Избегнувајте тешки оброци навечер – малите, лесни оброци полесно се варат. Погрижете се да внесувате доволно магнезиум секој ден.
  • Внесувањето многу влакна, вежбањето и пиењето доволно течности ќе помогне да се спречи запек.
  • Добрата хидрираност ќе помогне да се спречат инфекции.
  • Наизменично вежбајте и одморајте, погрижете се да не претерувате ниту со едното ниту со другото 

Прашања кои сакате да му ги поставите на Вашиот лекар

Недостаток на магнезиум

Бидејќи потребата за магнезиум нагло се зголемува во средината на бременоста, треба да го зголемите внесот на овој минерал во трагови. Магнезиумот помага да се спречат наизменичните мускулни грчеви и може да ја „задржи“ Вашата матка со намалување на нејзините контракции, што ќе го намали ризикот од предвремено породување. Ако не внесувате доволно магнезиум во Вашата исхрана, прашајте го Вашиот лекар да Ви препише додаток.

Што е со нивото на железо?

Многу бремени жени често се чувствуваат уморни, безволни и слаби - тоа е нормален дел од бременоста и не мора да се грижите за ништо. Но ова може да значи и дека нивото на железо Ви е премногу ниско. Бидејќи железото е клучно за транспорт на кислород во крвта (а со тоа и за Вашето бебе да ги добие хранливите материи кои  му се потребни), овие нивоа треба да се одржуваат стабилни.

Вашиот лекар може брзо да го провери нивото на железо во крвта врз основа на таканареченото ниво  на Hb, со кој се мери содржината на хемоглобинот (Hb) во Вашата крв. Содржината на хемоглобин во крвта (Hb) вообичаено се мери на првиот преглед, а потоа редовно од шестиот месец па натаму. Ако Вашето нивоа се постојано многу ниски, ќе Ви биде препишана соодветна терапија.  

Информации за авторот:

Juliane Jacke-Gerlitz е регистрирана медицинска сестра. Повеќе од десет години таа ги советува мајките и доилките. Моментално работи како медицински писател и психолошки консултант. Juliane Jacke-Gerlitz е во брак 22 години, мајка е на осум деца и живее со нејзиното семејство во Halle.