Skip to main content

Гестациски недели:

29-та гестациска недела: Се развиваат масните клетки на Вашето бебе и добива на тежина

Во 29-тата недела сте во осмиот месец од бременоста и во третиот, последен триместар. Во текот на овој месец, Вашето бебе најмногу ќе расте.  Веќе е време и да планирате како Вашиот дом ќе стане безбеден простор за Вашето бебе.

Големина на Вашето бебе во 29-тата недела

Вашето бебе е со должина од 38,7 cm, отприлика  колку кокос. Тежи околу 1240 грама, што значи дека значително се „здебелило„ споредено со претходната недела. Колку повеќе тежи бебето, толку полесно ќе биде ако се роди предвремено. 

Развој на Вашето бебе

Вашето бебе изгледа многу слично на тоа како ќе изгледа кога ќе се роди: неговите пропорции и карактеристики брзо се развиле во последните недели и нема премногу да се менуваат од сега до раѓањето. Фокусот е сега на органите, кои стануваат сè посложени, и на развојот на нивните функции и на зголемувањето на телесната тежина како што е се поблиску до тежината на новороденче во редовен термин.

Зголемување на телесната тежина

Во 29-та недела, Вашето бебе сега веќе го има она што му треба за да се здебели, бидејќи масните клетки се формирале и можат да складираат резерви на маснотии. Ова значи дека сега е време за интензивно добивање на тежина. Веднаш по раѓањето, Вашето бебе ќе изгуби малку на тежина – дури третиот ден од животот надвор од матката, Вашето млеко ќе стане покалорично и помасно и бебето ќе почне повторно да добива на тежина.  

Ако очекувате близнаци, тоа не мора да значи двојно поголема тежина: Вашите две бебиња ќе имаат различна тежина при раѓањето и нема да бидат со иста големина. Без разлика дали близнаците се едно- или двојајчени, мозокот на бебето брзо се развива во 29-тата недела и постепено тие ќе станат способни да ја регулираат телесната температура и срцевиот ритам, така што ќе можат да преживеат „самостојно„ надвор од матката. 

Развој на имунолошкиот систем

Клучен развој овој месец е развојот на имунолошкиот систем. Се повеќе и повеќе антитела се пренесуваат од Вашето тело во нивното преку плацентата, која го гради нивниот имунолошки систем и го оспособува да ја врши својата работа. На Вашето бебе ќе му треба имунолошкиот систем за да преживее надвор од заштитената средина на Вашата матка, бидејќи ќе дојде во контакт со сите видови на бактерии. Значи, додека не наполни една година, од особено значење е да биде заштитено од сериозни болести: на пример, ако бабата имала бронхитис или грип, најдобро е да ја одложите посетата додека не закрепне целосно.

Лануго влакната на Вашето бебе се згуснати и сега го покриваат речиси целото тело, иако во оваа фаза можеби веќе има и вистинска коса. Тоа е различно од дете до дете – некои се раѓаат со многу коса, додека некои со многу малку. Тоа е прашање на генетика и не е под влијание на други фактори.

Како се чувствува идната мајка во 29-тата недела од бременоста

Како што расте Вашето бебе, така расте и Вашиот стомак. Бебето продолжува да ги вежба своите движења, кои се сè позабележителни бидејќи Вашето бебе секој ден станува се поголемо и посилно и има се помалку простор во Вашата матка.  Сè додека сè уште може да се врти и да се движи наоколу, тоа е она и што тоа ќе го прави – тоа е веќе  мала активна личност.

Познатите симптоми на болки во грбот, проблеми предизвикани од силните движења на Вашето бебе и отечени, болни нозе може да се појават и во 29-та недела. Симптомите што сте ги доживеале во раните недели од бременоста се заменети со симптоми кои влијаат на вашиот мускулно-скелетен  систем, иако сè уште чувствувате мала мачнина или киселини во последните неколку недели пред раѓањето. Тоа е затоа што Вашата матка го притиска ребрениот лак и стега некои од другите Ваши органи.  

Вообичаени знаци и симптоми

Се посилни болки во грбот

Многу трудници страдаат од болки во грбот. Ова е сосема нормално, бидејќи одењето ви е променето а грбот има поголем товар за носење. Тежината на Вашето бебе може да влијае и на Вашиот нервен систем, што може да доведе до други проблеми: ненадејни мускулни грчеви во нозете, долниот дел, колковите и горниот дел на стомакот кои се вообичаени. Ова особено ќе го забележите ако Ви е високо нивото на стрес, бидејќи стресот е еден вид „голтач на магнезиум“ - па ако работите стануваат стресни за Вас, погрижете се да внесувате доволно магнезиум преку храната која ја конзумирате. 

Дознајте повеќе за магнезиумот и зошто е толку важен.

Подготовка за живот со Вашето дете

Веројатно ќе биде тешко да размислите за било што друго, освен за Вашето бебе, а сега е време однапред да планирате каде ќе спие и за бојадисување/уредување/реновирање на собата за Вашето бебе. Вашето бебе, на почеток може да спие во Вашата спална соба, се разбира, и добра идеја е да го поствите бебешкото креветче веднаш до Вашиот кревет (ова ќе Ви помогне кога ќе го доите бебето во текот на ноќта).

Важни совети

  • За да поминете долг, напорен ден, обидете се да јадете неколку мали оброци. Ова ќе го одржи Вашето ниво на енергија високо и во голема мера постојано, наместо да доживувате подеми и падови.
  • За да се осигурате дека добивате доволно магнезиум, јадете храна како што се јаткасти плодови, производи од интегрална пченица, мешунки, спанаќ и зелка.
  • Задолжително внесувајте доволно течности: обидете се да пиете по една чаша вода на секој час!
  • Слободното време искористете го за прошетки на свеж воздух, што ќе ја намали напнатоста и болките во грбот.

Прашања кои сакате да му ги поставите на Вашиот лекар

Помош при проблеми со грбот

Ако страдате од постојани проблеми со грбот, постојат алтернативни опции кои можат да дадат непосредни резултати покрај конвенционалните терапии за вежбање.

Еден високо ефикасен начин за намалување или елиминирање на болката е акупресурата. Ова е слично на акупунктурата и вклучува притисок врз одредени точки во Вашето тело за да се ублажи болката преку меридијаните, енергетските канали на нашето тело.

Друга корисна опција е еластичен, самолеплив спортски ремен наречен Meditape, кој можете да го  нанесете на болните места за континуирано да ги масирате Вашите мускули. 

Побарајте од Вашиот лекар да препорача спортски терапевт кој често ги користи овие техники за ослободување од болка во својата пракса. 

Сепак, не постои замена за редовно вежбање, затоа искористете ги предностите на часовите наменети за бремени жени во Вашата теретана или болницата каде што ќе се породувате. Тие ќе Ве одржат флексибилни и постепено ќе ги намалат симптомите што моментално ги имате, додека спречуваат појава на други.

Информации за авторот:

Juliane Jacke-Gerlitz е регистрирана медицинска сестра. Повеќе од десет години таа ги советува мајките и доилките. Моментално работи како медицински писател и психолошки консултант. Juliane Jacke-Gerlitz е во брак 22 години, мајка е на осум деца и живее со нејзиното семејство во Halle.