Skip to main content

Гестациски недели:

8-ма гестациска недела: Вашето бебе е поврзано со Вашиот крвоток

Во 8-та недела од бременоста доаѓате кон крајот на вториот месец и сè уште сте во првиот триместар.

Големина на Вашето бебе во 8-мата недела од бременоста

Ембрионот е со големина од околу 1.5-1.6 cm, што го прави приближно голем колку капина (а испакнатините што ќе ги формираат прстите на рацете и нозете дури по малку личат на капина). Бебето постојано расте, кое може да се види од недела во недела на ултразвук. Сеуште е рано да се измери, и проценката на лекарите е дека просечно бебе во оваа фаза тежи околу 0.25 грама. 

Развој на Вашето бебе

Во 8-мата недела Вашето бебе за прв пат ја подигнува главата и се протегнува. Екстремитетите продолжуваат да се развиваат, а рацете, стапалата, прстите на рацете и нозете полека добиваат форма. Помеѓу секој прст на рацете и нозете има малку кожа што изгледа како мрежичка: многу брзо таа ќе исчезне и наскоро Вашето бебе ќе може поединечно да ги движи прстите на рацете и на нозете.

Над очите на бебето е видлив мал набор на кожа, кој подоцна ќе го формира очниот капак, иако ќе треба извесно време пред очите да ја добијат својата целосна структура и да почнат да функционираат.

На преглед со ултразвук во пределот на главата може да се види како куп од меурчиња кои покасно ќе го обликуваат мозокот. 

Желудникот и бубрезите се првите внатрешни органи кои почнуваат да се формираат, бидејќи ова се органи на кои им треба најмногу време за да ја развијат својата конечна анатомска структура и физиолошка функција. Сите преостанати витални органи ќе се развијат во следните неколку недели.

Од 8 -та недела Вашето бебе полека почнува да се развива од ембрион во фетус.

Неговото мало срце чука двапати побрзо од срцето на возрасен човек, постојано пумпајќи крв богата со кислород во телото за да помогне успешно да се развиваат сите органи. Кислородот е клучен за развојот на Вашето бебе и секогаш треба да се снабдува во доволни количини - тоа е работа на плацентата.

Како се чувствува идната мајка во 8-та недела од бременоста

Веќе можевте да забележите дека типичните симптоми на бременоста постепено се смируваат бидејќи Вашето тело постепено се навикнува на променливите нивоа на хормони. До крајот на третиот месец од бременоста, гадењето, повраќањето и болките во стомакот би требало да исчезнат. Вашите гради ќе продолжат да се зголемуваат и ќе се подготвуваат за хранење на Вашето дете кога ќе се роди, но болката и зголемената чувствителност на Вашите брадавици засега ќе се намалат.

Продолжете да правите се што можете за да се грижите за Вашето бебе и да ги избегнувајте ги сите непотребни ризици. Бидете разумни кога станува збор за стимуланси како што се кафе и други пијалоци кои содржат кофеин (како многу газирани пијалоци), а треба целосно да избегнувате и алкохол и никотин за да не му наштетите на здравјето на Вашето бебе.

Вообичаени знаци и симптоми

Емоционални подеми и падови

На Вашиот стомак сеуште не се забележува промена, и за Вашето семејство и пријатели сеуште нема видливи знаци дека сте бремени. Само блиските членови на семејството или пријателите може да забележат промени во вашата емоционална состојба во овој период: една минута сте пресреќни, а следната сте блиску до солзи. Ќе има моменти кога ќе ви се плаче и може да Ви е тешко да ги држите Вашите емоции под контрола и да ги скриете од луѓето околу Вас, без разлика дали се тоа Вашите колеги од работа или Вашите пријатели. Овој виор од емоции може добро да Ве потсети на пубертетот, период кога хормоналните промени предизвикувале различни емоции и чувства.

Важни совети

Одлучете заедно со Вашиот партнер кога и кому сакате да му ја кажете оваа прекрасна вест.

Редовните прошетки ќе ви помогнат навечер полесно да заспиете и да Ви обезбедат многу свеж воздух и кислород.

Јадете многу зеленчук (варен или сиров) за да ја задоволите зголемената побарувачка на Вашето тело за витамини и други витални материи.

Ако чувствувате гадење, продолжете да пиете лесни чаеви во текот на денот, што ќе Ви помогне да го вратите нивото на течности.

Купете или позајмете една од многуте книги за бременоста, кои ќе Ви помогнат Вам и на Вашиот партнер да разберете што се случува во Вас.

Дали сте слушнале за нашите HiPP писма за родители?  

Зачленете се во HiPP BabyClub и ние редовно ќе Ви испраќаме писма полни со корисни совети и информации за секоја фаза од бременоста.

Прашања кои сакате да му ги поставите на Вашиот лекар

Фолна киселина, витамин Б и јод

Не заборавајте да продолжите да јадете свежа храна која содржи многу фолна киселина, и сега треба да се погрижите да внесувате доволно витамин Б преку исхраната и/или од суплементи доколку е потребно. Во текот на бременоста ќе ви треба и повеќе јод за да може правилно да се развива тироидната жлезда на Вашето бебе.

Побарајте од Вашиот лекар да Ви препорача соодветни суплементи кои ќе ви ја обезбедат потребната фолна киселина, витамин Б и јод.

По породувањето, нема да ви треба толку многу фолна киселина како за време на бременоста, но  жените кои дојат и понатаму имаат потреба од поголема количина.

Спречување на оштетување на Вашата природна забна глеѓ

Доколку последните неколку недели сте повраќале редовно, се препорачува да го посетите Вашиот стоматолог. Агресивната киселина во желудникот која при повраќањето се исфрла поминува низ устата и забите, и може да предизвика долготрајно оштетување на забите и забната глеѓ (дури и ако по повраќањето ја измивате устата и ги четкате забите).

Вашиот стоматолог може да Ви каже дали заштитната глеѓ е веќе оштетена и ќе Ви објасни што можете да направите за да ги заштитите забите.

Информации за авторот:

Juliane Jacke-Gerlitz е регистрирана медицинска сестра. Повеќе од десет години таа ги советува мајките и доилките. Моментално работи како медицински писател и психолошки консултант. Juliane Jacke-Gerlitz е во брак 22 години, мајка е на осум деца и живее со нејзиното семејство во Halle.