Skip to main content

Гестациски недели:

16-та гестациска недела: Вашето бебе сега реагира на Вашиот допир

Големина на Вашето бебе во 16-тата гестациска недела

Вашето бебе сега е долго помеѓу 10,8 и 11,6 сантиметри и тежи помеѓу 80 и 110 грама. Како и во секоја фаза од бременоста, неговата големина и тежина зависи од гените, кои се одредени во моментот  на оплодување. 

Во 16-тата недела, фетусот е отприлика голем колку калинка, и би можеле лесно да го држите на дланка. Меѓутоа, Вашето бебе ќе расте и ќе се развива со се побрзо темпо во Вашата матка се додека не излезе во големиот широк свет.

Добро заштитено со плодова вода, Вашето бебе е многу активно и често се врти. Нозете сега му се подолги од рацете и без пречки се движи во сите насоки без престан. Дури и ако сеуште не можете да почувствувате, Вашето бебе е речиси постојано во движење, а плодовата вода го намалува влијанието на неговите движења. Во текот на следните неколку недели ќе почнете многу повеѓе да ги чувствувате движењата и клоцањето на бебето. 

Развој на Вашето бебе

Зглобовите и мускулите на Вашето бебе сега треба да се на вистинското место. Неговиот нервен систем веќе почнува да чувствува дразби од околината, како, на пример кога ќе ја ставите раката на стомакот. Тоа ќе реагира со движење кон Вашата рака, бидејќи таа е извор на топлина.

Вашето бебе, исто така, многу ќе го цица палецот, тренирајќи го својот витален рефлекс на цицање за времето по раѓањето кога ќе му треба за да ги добие хранливите состојки од Вашето мајчино млеко.

Икањето е исто така форма на тренинг за животот  надвор од матката. За да го координира својот респираторен систем, Вашето бебе веќе го вежба  своето дишење за време на бременоста со голтање на плодова вода, која потоа ја исфрла од своето тело користејќи ја својата дијафрагма. Ова е важен рефлекс кој ќе им помогне во иднина да ги заштитат своите бели дробови од несакани супстанции, како што се вода, млеко или прашина.

Овој извонреден феномен е јасно видлив на ултразвук - гледањето на палецот во устата и неговото мало поместување на телото од икањето  е секогаш емотивен момент за идните родители. Покасно, ќе можете да го почувствувате и видите икањето на детето - Вашиот стомак ќе се згрчува во одредени интервали.

Преглед со ултразвук

Во повеќето случаи, два или три прегледи со ултразвук се доволни за време на здрава бременост. 

За детална дијагноза се користи и 3D ултразвук, кој можеби веќе сте го имале во оваа фаза. Овој преглед овозможува рано да се откријат и исклучат потенцијалните деформитети во развојот на бебето.

Во повеќето случаи, тоа е само превентивна мерка и нема причина за загриженост. Основната препорака е да направите што е можно помалку ултразвучни прегледи за Вашето бебе да биде изложено само на онолку ултразвучно зрачење колку што е потребно.

Како се чувствува идната мајка во 16-тата недела од бременоста

Вашата вага јасно ќе покаже дека овој месец сте додале малку телесна тежина. Тоа е очекувано во секој месец од бременоста - всушност, тоа е од витално значење.

Сепак, сè уште ќе можете да се движите нормално во текот на средните месеци од бременоста (како што е 16-тата недела од бременоста). Сè уште можете да одите на одмор, иако најдобро е прво да се консултирате со Вашиот гинеколог.

Во зависност од личната благосостојба и кондиција, сè уште можете да уживате правејќи се што сакате да правите во 16-тата недела, без разлика дали тоа е патување во странство (вклучувајќи летање со авион), планинарење, спортување или пливање. Меѓутоа, екстремните спортови најдобро е да се избегнуваат во бременоста, особено ако не сте ги правеле редовно пред бременоста.

Секогаш кога патувате со автомобил, погрижете се сигурносниот појас да биде помеѓу вашите гради и под Вашиот стомак, потпирајќи се на Вашата пубична коска. Ова е најдобриот начин да го заштитите Вашето чувствително ткиво и Вашето бебе, а постојат и специјални уреди кои го држат безбедносниот појас во вистинската положба. Се препорачуваат и компресивни хулахопки.

Вообичаени знаци и симптоми

Од време на време во 16-тата недела, ќе почувствувате мало истегнување во стомакот, што е знак дека Вашата матка расте. Ако се наведнете нанапред, јасно ќе можете да почувствувате каде е фундусот (т.е. горната точка на матката), бидејќи во оваа фаза ќе биде околу два прста напречно поставени над Вашата пубична коска.

Болка во грбот

Може да почувствувате и болка во долниот дел на грбот. Ова се должи на кружните лигаменти кои ја поддржуваат Вашата матка, кои се под голем притисок сега кога Вашата матка станува се поголема. По некое време, оваа болка во грбот ќе се намали, бидејќи лигаментите ќе се истегнат и ќе се прилагодат на растот на Вашата матка.

Сврбеж на стомакот, градите и бутовите

На деловите од Вашето тело кои се под најголем притисок, како што се стомакот, градите и бутовите, сега може да чувствувате сврбеж (чешање) додека се истегнува кожата која што ги покрива овие области. Чешањето може да се ублажи, на пример, со нанесување на висококвалитетно масло или млеко за тело.

Болни гради

Кога вашите гради се болни и натечени, неколку капки колострум (првата форма на мајчиното млеко) може да истече од Вашите брадавици. Ова е добар знак, бидејќи покажува дека градите се подготвуваат за доење. Колострумот, исто така, помага да се намали горе споменатото чешање, бидејќи содржи млечни протеини кои ја омекнуваат Вашата кожа.

Вашиот стомак расте

Сега ќе биде очигледно дека Вашиот стомак се развива во труднички стомак. Вашите панталони и здолништа ќе стануваат сè потесни и потесни, иако постојат генијални влошки што можете да ги купите кои го продолжуваат појасот на кој било пар панталони. Сепак, ова нема да функционира долго, и токму затоа сега е време да започнете да ја пополнувате Вашата гардероба за бремени. Ова не се однесува само на панталоните и здолништата, туку ќе Ви требаат и пошироки горни делови од облеката, бидејќи на Вашите гради ќе им треба повеќе простор во горниот дел.

Промени на кожата и косата 

Може ќе забележите дека кожата на Вашето лице станува малку потемна на одредени места, што е предизвикано од промена на нивото на хормоните и ќе се врати во нормала откако ќе се породите. Вашата коса исто така може да добие потемна боја.

Совет од акушерка

 „Погрижете се да обратите посебно внимание за да се заштите од сонце, бидејќи областите што се потемни може да станат уште потемни ако не сте заштитени.“ Dorothee Kutz, акушерка.

Важни совети

  • Набавете си удобна трудничка облека 
  • Кога патувате со автомобил, погрижете се појасот да Ви биде помеѓу градите и под вашиот стомак
  • Редовното јадете риба, тоа ќе Ви помогне да го добиете потребниот јод
  • Ова е идеално време за релаксирачки одмор
  • Втријте масло за тело во болните делови од Вашето тело на кои им е потребна масажа

Прашања кои сакате да му ги поставите на Вашиот лекар

Патување и одмор во странство

Ако сакате да одите на одмор пред да дојде бебето, најдобро е да му кажете на Вашиот лекар каде планирате да одите и што планирате да направите за да може да Ве советува што е добра идеја, а што не. Ако сакате да летате, имајте на ум дека некои авиокомпании бараат потврда од лекар пред да Ве пуштат во авионот. Потврдата може да земете од Вашиот лекар или Вашиот гинеколог.

Заштита од инфекции ако имате мачки

Ако имате мачки, дознајте кои чекори можете да ги преземете за да ги минимизирате ризиците (можеби веќе сте размислувале за ова). Мачките можат да пренесат токсоплазмоза, инфекција која може да биде опасна за Вас и Вашето бебе.

Информации за авторот:

Juliane Jacke-Gerlitz е регистрирана медицинска сестра. Повеќе од десет години таа ги советува мајките и доилките. Моментално работи како медицински писател и психолошки консултант. Juliane Jacke-Gerlitz е во брак 22 години, мајка е на осум деца и живее со нејзиното семејство во Halle.