Пробиотици и пребиотици за бебиња и деца
Пробиотиците се живи микроорганизми кои имаат значително влијание врз здравјето на цревата. Мајчиното млеко природно содржи пробиотици, доените бебиња во голема мера имаат корист од овие корисни микроорганизми. Бебињата кои не се дојат или делумно се дојат често имаат потреба од дополнителна поддршка при развојот на избалансирана цревна микрофлора. Дознајте повеќе за улогата на пробиотиците во варењето и за нивната примена кај бебињата.
Што се пробиотици?
Бројни корисни микроорганизми ја населуваат цревната слузокожа и на тој начин служат како заштитен штит од штетни бактерии и вируси. За правилно функционирање на микробиомот на цревната микрофлора, неопходна е разновидност на различни бактериски култури.
Пробиотиците се живи микроорганизми кои претставуваат дел од оптимално функциона цревна слузокожа (микробиом). Тие можат да се пренесат од мајката на бебето за време на вагиналното породување, да се внесат преку храната или како додатоци на исхраната. Корисните бактерии можат исто така да му се пренесат на бебето преку контакт кожа-на-кожа при доење.
Бифидобактериите се пример за особено корисни бактерии во цревата. Како и сите пробиотски култури, тие имаат способност да ги разградуваат олигосахаридите од мајчиното млеко ( ХМО – Human Milk Oligosaccharides), кои се сложени јаглехидрати, и да ги претвораат во едноставни јаглехидрати. Овие мали молекули потоа можат да служат како извор на енергија за други бактериски видови. Затоа, бифидобактериите се особено важни за одржување на здрав и функционален микробиом.
Пребиотиците се извор на енергија за микроорганизмите кои го сочинуваат микробиомот. Тие не се живи организми, туку претставуваат растителни влакна (баластни материи) кои бактериите ги користат како храна за да добијат енергија и да се размножуваат. Најпознатите пребиотици се:
- Галакто-олигосахариди (ГОС)
- Фрукто-олигосахариди (ФОС)
- Олигосахариди од мајчино млеко (ХМО) – природна компонента на зрелото мајчино млеко
Освен тоа што им обезбедуваат храна на добрите бактерии, пребиотиците самите по себе ја зајакнуваат здравата цревна микрофлора и имаат позитивно влијание врз имунолошкиот систем – област што активно се истражува.
Микробиомот – разновидната заедница на бактерии во цревната слузокожа – со помош на пробиотиците и пребиотиците има клучна улога во одржувањето на целокупното здравје на организмот. Пробиотиците во цревата, преку разградување на пребиотиците, произведуваат важни супстанции за метаболизмот, како што се кратковеришни масни киселини, кои се значајни за многу процеси во организмот. Покрај тоа, киселата pH-вредност на здравата цревна слузокожа помага да се спречи размножувањето на штетни микроорганизми, придонесувајќи за стабилност на варењето и општата благосостојба.
Што влијае на микробиомот кај детето?
Новороденчињата немаат зрел дигестивен систем како возрасните. Цревниот тракт, кој е сè уште незрел по породувањето, прво мора да биде населен со корисни бактерии.
За успешна колонизација со корисни бактериски култури, од големо значење се различни фактори:
- Начинот на породување (вагинално, царски рез со или без контакт со мајката веднаш по породувањето),
- Дали се давани антибиотици за време на породувањето,
- Состојбата на мајчиниот микробиом (генетска предиспозиција),
- Дали бебето е/било доено.
При вагинално породување, бебето доаѓа во директен контакт со кожата и цревните бактерии на мајката за време на фазата на излегување. Новороденчето, кое растело скоро стерилно во амнионската кеса, автоматски се населува со мајчини бактерии на патот надвор, кои ги подготвуваат цревата за дигестијата која наскоро ќе започне.
При царски рез, оваа можност за природна колонизација е ограничена поради стерилните услови во операционата сала. Во вакви случаи, прво се населуваат бактерии кои се помалку корисни за цревната флора.
Доколку е потребно,за време на породувањето да се дадат антибиотици, како што често се случува при царски рез, микробиомот на мајката се менува. На тој начин на детето му се пренесува помалку урамнотежена комбинација на бактериски култури. Антибиотиците, како и царскиот рез, вообичаено се медицински неопходни и тешко е да се избегнат. Сепак, кога станува збор за идното здравје на цревната микрофлора кај детето, важно е да се знае дека населувањето на дигестивниот систем во тој случај, се одвива на нешто поинаков начин. Ова може да доведе до почести колики или запек во првите недели од животот на бебето.
Истражувањата покажуваат дека составот на микробиомот се менува и низ генерациите. Навиките во исхраната се менуваат, а вообичаените пробиотски намирници, како на пример киселата зелка, денес сè поретко се наоѓаат на трпезата. Тоа делумно го објаснува почестото појавување на дигестивни тегоби, кои стануваат сè поизразени од генерација на генерација.
Директниот контакт кожа-на-кожа во породувалната сала се применува само во последниве години и сè уште не претставува стандарден пристап во сите породилишта. Ситуацијата е поинаква кај вагиналните породувања, каде што микробиомот може да се пренесува низ повеќе генерации.
Доените бебиња природно добиваат пробиотици преку мајчиното млеко, во оптимален состав што е индивидуално прилагоден на секое дете. Генетските предиспозиции на мајката можат да доведат до тоа одредени бактериски соеви да не се создаваат и со тоа да не бидат присутни во млекото. Како резултат на тоа, и доените бебиња во такви случаи може да имаат помалку избалансиран микробиом и да се соочуваат со болки во стомакот или надуеност.
Придобивки од пробиотиците за бебињата
Улогата на пробиотиците и пребиотиците во варењето на храната
Пробиотиците стапуваат во интеракција со присутниот микробиом и можат позитивно да влијаат врз растот на корисните бактерии, при што создаваат материи кои што поволно го регулираат цревниот баланс. Со тоа ја поставуваат основата за здрава цревна микрофлора, која претставува темел за силен имунолошки систем.
Пребиотиците, пак, служат пред сè како храна за добрите бактерии во цревата. Тие можат да придонесат и столицата да стане помека. Затоа, нивното внесување може да биде корисно во случаи на запек или тврда столица.
Во суштина, тоа значи дека пробиотиците и пребиотиците претставуваат клучни фактори за оптимално функционирање на цревниот микробиом. Идеално избалансираната цревна микрофлора кај детето се одразува преку варењето, со следниве карактеристики:
- поретки се појавите на гасови и колики,
- столицата е мека, но оформена – што важи и за бебиња кои почнуваат со дохрана, како и за оние кои примаат замена за мајчино млеко,
- дијареа и запек се јавуваат ретко или воопшто не се присутни.
Столицата кај доените бебиња е мека и кашеста по конзистенција, па често погрешно се смета за дијареа. Сепак, доколку столицата кај доено бебе изгледа пенеста, зеленикава или кафеава и има непријатен мирис, најдобро е да се консултирате со вашиот педијатар.
Влијанието на пре- и пробиотици врз имунолошкиот систем
Според научните истражувања, олигосахаридите од мајчиното млеко (ХМО), најпознатите претставници на пребиотиците, се извор на сијалинска киселина, која е важна за развојот на мозокот и когнитивните процеси. Покрај тоа, тие играат значајна улога во активната борба против патогените микроорганизми и со тоа придонесуваат за намалување на инфекциите. ХМО ја зајакнуваат цревната бариера и претставуваат составен дел од комплексниот повекеслоен заштитен механизам што го поддржува развојот на имунолошкиот систем кај новороденчињата. (Walsh, 2020)
Пробиотиците произведуваат супстанции кои одржуваат кисела средина во цревната слузокожа. Во ова кисела средина, шансите за преживување на патогените микроорганизми се значително намалени. На тој начин, пробиотиците придонесуваат за намалување на инфекциите. Во едно истражување од 2014 година, употребата на пробиотици резултирала со намалување на бројот на колики кај доенчињата. Бебињата кои примале пробиотици покажале значително помала фреквенција на болни стомачни грчеви и надуеност.
Пробиотски и пребиотиски намирници
Кои намирници содржат пробиотици?
Мајчиното млеко содржи бројни живи клетки, претежно лактобацилуси, бифидобактерии и повеќе од 200 ХМО структури (Walsh 2020). Доењето овозможува доенчињата постојано да добиваат пробиотици и пребиотици, прилагодени на нивните потреби.
Доколку доенчето не се дои или се дои многу кратко време, може да се користи млечни формула со пребиотици и пробиотици. Идеалната млечна формула содржи и пробиотици и пребиотици, за да обезбеди храна за живите пробиотички клетки. Од 2011 година, на пазарот се достапни млечни формули со пребиотици и пробиотици, кои нудат и корисни бактериски соеви и дополнителни влакна.
Од возраста за воведување на цврста храна, дневниот мени може да се надополни со вкусни оброци кои содржат пробиотички компоненти. Многу намирници содржат пробиотици поради процесот на производство и на тој начин придонесуваат за здрава исхрана.
Млечни производи
Природниот јогурт, кефир и матеница, како и некои сирења, како гауда и чедар, содржат живи бактериски култури. Поради тоа, редовно се препорачуваат како дел од исхраната за подобрување на варењето, на пример по закрепнување од гастроинтестинален вирус или по земање на антибиотици.
Ферментирани зеленчуци
Класика во нашата кујна е ферментираната бела зелка, со киселина и со сол, накратко позната како кисела зелка.При зачувување со сол (ферментација) се создаваат корисни бактериски култури кои ја прават киселата зелка намирница што придонесува за подобра дигестија. Киселите краставички, исто така, содржат бактериски култури кои можат да ја поттикнат здравата дигестија.
Важно: Зеленчукот зачуван со сол треба внимателно да се исплакне пред консумација. Бебињата кои се подготвени за дохрана и малите деца кои веќе се навикнати на неа можат да пробаат ферментирани зеленчуци со намалена содржина на сол како дел од избалансирана исхрана.
Идеалн придружник на пробиотската исхрана се растителните влакна (овошје, зеленчук), како и интегралните производи и мешунките. Доволниот внес на течности исто така е важен за оптимално функционирање на варењето. За бебињата се препорачуваат пијалаци без шеќер – особено вода или, во помала мера, чаеви без додаден шеќер.
Кои намирници содржат пребиотици?
Пробиотските микроорганизми имаат потреба од пребиотици како извор на енергија, за правилно да ја извршуваат својата функција во цревата.
Следните намирници се одличен извор на пребиотици:
- Банани
- Грашок
- Печурки
- Слатки компири, компири, ориз или тестенини (зготвени, па изладени)
- Овесни снегулки
- Бланширан зелен лиснат зеленчук како блитва и спанаќ
- Мешунки како грав и леќа
- Меко овошје како малини, капини и рибизли
Разновидната исхрана со свежи, локални и сезонски намирници обезбедува оптимална количина на растителни влакна. Колку повеќе бои и видови храна има на чинијата, толку повеќе има и хранливи материи за пробиотските микроорганизми. Дополнителен внес на пребиотици обично е потребен, само доколку варењето на храната е нарушено по подолг период на болест.
Ризици и несакани ефекти од пробиотици кај бебиња
Ако пробиотиците дојдат во контакт со цревната микрофлора која веќе е населена со различни видови бактерии, тоа во почетокот може да предизвика надуеност и гасови. Може да се појават и благи болки во стомакот, дијареа или видливо мека столица.
Сепак, овие симптоми се јавуваат и во случај кога цревата се населени со бактерии кои создаваат гасови, како протеобактериите. Ако бифидо- и лактобацилусите, кои позитивно влијаат на цревната активност, се помалку присутни, тоа може да доведе до почести колики, немир и често плачење кај бебињата.
Исклучително ретки несакани ефекти вклучуваат инфекции предизвикани од пробиотици, но тие главно се појавуваат кај лица со ослабен имунитет. Ако е дијагностицирана имунолошка слабост, се препорачува прво да се консултирате со вашиот лекар.