Развој на цревна микрофлора кај бебиња и мали деца

Бебињата се раѓаат со речиси неразвиена цревна микрофлора. Дури во текот на и по раѓањето, цревната флора се населува со добри и корисни бактерии, неопходни за правилно варење и силен имунолошки систем. Што можете вие како родител да направите за да го поттикнете развојот на цревната микрофлора? Ги собравме најдобрите совети за вас. Дознајте повеќе за важната улога на цревната микрофлора.

Важноста на здравата цревна микрофлора

Цревната микрофлора често е потценета, но таа има големо влијание за нашата благосостојба. Таа е неопходна за правилно функционирање на имунолошкиот систем и го поддржува ефикасното варење на многу важни хранливи материи.

Цревна микрофлора – што е всушност тоа?

Поимот цревна микрофлора или цревна микробиота се однесува на сите микроорганизми кои ги населуваат цревата. Млечно-киселинските бактерии, како што се лактобацили и бифидобактерии, се особено важни. Тие се колонизираат како мали „заштитници“ на ѕидот од цревата и формираат заштита од патогените бактерии. На тој начин се спречуваат инфекциите. Поради тоа, цревата се еден од најважните делови на имунолошкиот систем.

Кај бебињата, цревната микрофлора треба прво да се колонизира и да се развие. При раѓањето, цревната слузокожа е речиси неколонизирана. По околу три години, цревната микрофлора на вашето дете е речиси целосно формирана.

Развој на цревната микрофлора кај бебиња и деца

Микробиомот на детето се развива главно во првите три години од животот. Иако дигестивниот систем на бебето е веќе формиран на почетокот, тој е речиси стерилен и му недостасуваат важните бактерии. Постепено, во текот на првите години од животот, цревата се населуваат со сè повеќе бактерии.

Студиите покажуваат дека оптималниот развој на микробиомот токму во првите три години од животот е од големо значење, бидејќи има долгорочни ефекти врз здравјето на детето. Причината е што околу 70–80% од имунолошките клетки се наоѓаат во цревата. Затоа, цревната микрофлора игра клучна улога во заштита од инфекции и алергии. Покрај тоа, здравиот микробиом е основа за правилно варење, ефикасен метаболизам и развој на мозокот.

Развојот на микробиомот зависи од многу различни фактори. Некои од нив не можат директно да се контролираат, како што се животната средина, постарите браќа и сестри или домашните миленици. Сепак, постојат и фактори на кои вие како родител можете активно да ги влијаете, на пример, исхраната во рана детска возраст.

Како раѓањето влијае врз цревната микрофлора

Првата колонизација на цревата започнува при раќањето. Начинот на породување има клучна улога. Кога бебето поминува низ вагиналниот породилен канал, доаѓа во контакт со мајчиниот микробиом. На тој начин преминуваат „добри бактерии“, кои го поддржуваат развојот на неговите црева. За време на вагиналното породување, голем број лактобацили, како млечно-киселинските култури и бифидобактериите се пренесуваат на бебето. Тие се меѓу првите најважни колонизатори на цревната флора. 

Бебињата родени со царски рез, пак, најпрво доаѓаат во контакт со кожата и бактериите од болничката средина. Како резултат на тоа, заштитните млечно-киселински бактерии во цревната флора се среќаваат по ретко во почетокот на нивниот живот. Ова има влијание и врз имунолошкиот систем на детето. Сепак, со помош на соодветна исхрана и здрав начин на живот, имунолошкиот систем на децата родени со царски рез со текот на времето се прилагодува и достигнува ниво слично на она на децата родени со вагинално породување. 

Првиот период по раѓањето – 0 до 6 месеци

Доењето ја поддржува природната колонизација на цревата. Мајчиното млеко обезбедува бројни хранливи материи, како и важни млечно-киселински бактерии. Исто така, содржи вредни диететски влакна, кои здравите цревни бактерии на бебето можат да ги искористат за свој раст. Доколку не доите, бебињата можат да имаат корист од млечни формули за доенчиња, кои содржат природни млечно-киселински култури и пребиотици.

Воведување на дополнителна исхрана – 6 до 12 месеци

Со воведувањето на дополнителната храна, настанува драстична промена во микробиомот. Неговиот состав и функција се прилагодуваат на промените во исхраната. Млечно-киселинските бактерии, кои го одредувале микробиомот во раното детство, постепено се намалуваат во број. Наместо тоа, се зголемува бројот на бактерии кои можат да ги раградуваат вредните диететски влакна од житарици, овошје и зеленчук, како и различните извори на протеини и масти. 

Комплексноста на цревната флора постепено се зголемува. Тоа значи дека во цревата растат и се населуваат се повеќе различни видови на бактерии.  Големата разновидност на бактериски култури често се поврзува со поздрав микробиом. Балансираната исхрана, богата со вредни диететски влакна, го поттикнува оптималниот развој на микробиомот кон разновиден микробиом, во кој доминираат  добри бактерии.

Периодот на рано детство – од 12 месеци до 3 години

Колку повеќе исхраната на детето се приближува до семејната исхрана, толку повеќе микробиомот се стабилизира и се развива во насока на оној кај возрасните. Созревањето на микробиомот продолжува и во овој период. Важно е микробиомот да се поддржува во неговиот развој за време на оваа фаза. Во комбинација со балансирана и здрава исхрана, пробиотските млечно-киселински култури можат да помогнат во зајакнување на здравата цревна флора, а со тоа и во заштита од болести и инфекции. Околу третатата година од животот, поголемиот дел од созревањето на микробиомот е речиси завршено, и неговиот состав и функција стануваат слични (но не сѐ уште целосно исти) со оние кај возрасните.

Знаци на здрава цревна микрофлора

Како се препознава здрава цревна микрофлора? Пред се нормалната и непречена дигестија, која покажува дека цревната флора е оптимално населена. Дополнително, здравата цревна микрофлора има позитивно влијание на имунитетот, кожата и општата благосостојба.

Подетално, ова значи:

  1. Редовна и мека столица, без непријатности како гасови, опстипација или грчеви во стомакот.
    Бебињата кои се на доење имаат помала веројатност да имаат тврда столица или надуеност. Искуството покажува дека бебињата кои се на млечна формула имаат помека столица и поретко имаат проблеми со варењето, доколку млечната формулата содржи пробиотици и диететски влакна.
  2. Ретко или воопшто нема нетолеранција на храна
    Бебињата кои имаат склоност кон атописки дерматитис често, уште во раната возраст покажуваат знаци кога одредени состојки од храната не се толерираат. Од периодот на воведување на дополнителна исхрана, кога се зголемува бројот на различни намирници, расте и можноста за појава на нетолеранции. Најчести причинители се крвјо млеко (лактоза), овошен шеќер (фруктоза) и други одредени алергени. 
  3. Силен имунитет и поретка појава на инфекции
    Поради лесно киселата средина, оптимално населената цревна флора е идеално подготвена да ги препознае патогените микроорганизми и да го спречи нивното размножување. Во просек, бебињата кои се на доење имаат помалку гастроинтестинални инфекции и поретко страдаат од воспаленија на средното уво. Покрај активните одбранбени супстанции, мајчиното млеко содржи и бројни живи клетки, особено бифидо-култури, кои ја поддржуваат здравата и урамнотежена цревна микрофлора.
  4. Добра општа благосостојба
    Овој аспект, е прилично субјективен, но е особено важен кога цревната флора не е доволно урамнотежена. Тогаш, по оброкот енергијата нагло се намалува и расположението често се менува. Кај возрасните тоа често се манифестира како замор, опишан како чувство на слабост и расеани мисли. Кај децата, добрата благосостојба се манифестира како рамнотежа, мир и задоволство во рамките на нивните можности. Бебињата и малите деца се уште не можат самостојно да се смират, и затоа се целосно зависни од поддршката на родителите. 
  5. Кожата и слузокожата се чисти, здрави и без иритации
    Кожата на новороденчето е до пет пати потенка од кожата на возрасните, и затоа е многу попропустлива и подложна на влијанија од околината. Здравата цревна микрофлора и помага на кожата на бебињата и малите деца подобро да се приспособат на студ, влага или надразнувачни супстанции. Истото важи и за слузокожата, која обично е добар показател за ослабен имунолошки систем.

Здравата цревна микрофлора има значително влијание и на апсорпцијата на хранливи материи. Во цревната слузокожа се одвиваат бројни сложени процеси кои овозможуваат апсорпција на хранливите материи од храната. Ако добрите бактерии не се присутни во доволен број, телото не може да произведе доволни количини на неопходни витамини, елементи во трагови, аминокиселини и масни киселини.

Важно: Вистински недостаток на хранливи материи може да се утврди само со соодветни крвни анализи. Сериозен, здравствено ризичен недостаток многу ретко се појавува во доенечка возраст. Малите отстапувања во внесот најчесто лесно се надоместуваат со балансирана исхрана, почнувајќи од периодот на воведување на дополнителна исхрана. Најдобро е да се консултирате со педијатар.

Урамнотежената цревна флора значително придонесува за општата благосостојба и здравјето. Таа ги поддржува клучните телесни функции, се карактеризира со непречено варење и силен имунитет. Сепак, нејзините ефекти често се суптилни и стануваат забележливи само кога рамнотежата е нарушена.

Оптимална исхрана за здрава цревна флора

Според препораките на СЗО, најповолно за зајакнување на цревната микрофлора е да се продолжи со доењето и по воведувањето на дополнителна исхрана, односно во текот на првите шест месеци паралелно со новата исхрана. На тој начин, вашето дете преку мајчиното млеко добива бројни имунолошки клетки, пробиотици и диететски влакна прилагодени на неговите индивидуални потреби.

Кога вашето бебе ќе биде подготвено за дополнителна исхрана, обично околу шестиот месец, цревната микрофлора постепено се прилагодува на новите извори на храна. Во овој период, разноврсна, свежа и богата со витамини и доволно диететски влакна е идеална за поддршка на развојот на оптимална цревна микрофлора. 

Таквата исхрана им обезбедува на „добрите“ цревни бактерии, како што се бифидо културите, доволно „храна“ за раст и активност, што им овозможува поефикасно да ја разградуваат храната и да ги извршуваат своите функции. 

Преработена храна, како што е брзата храна, слатки и солени закуски, не се препорачува при воведувањето на дополнителна исхрана. Кога детето ќе порасне малку, мали количини се повремено прифатливи. 

Важно: Честотата и количината се клучни. Ако најголемиот дел од исхраната е свеж, балансиран и богат со диететски влакна, цревната микрофлора ќе остане здрава. Повремено уживање, како мала порција чипс или коцка чоколадо, нема да и наштети на цревната микрофлора. 

Наши совети за исхрана која ја поддржува цревната микрофлора:

  1. Пробајте со шарени оброци.
    Обидете се содржината на чинијата да е што е можно пошарена со секој оброк. Доматите (црвени), краставиците (зелени), излупените јаболка (бели), портокалите (портокалови) и боровинките (сини/виолетови) заедно создаваат виножито од бои на чинијата за ужина, која претставува прекрасна придружба на главниот оброк.
  2. Следете го правилото „20 пати зелено“.
    Тоа значи да вклучите најмалку 20 различни зелени намирници – главно зеленчук – во исхраната секоја недела. Покрај класичните како зелена салата, брокула и спанаќ, постојат и многу други вкусни намирници кои не се конзумираат толку често. На пример: зелени гравчиња, вкусна зелен аспарагус блитва и, секако, класиката – грашок! Се разбира, ова правило, може да се примени и со речиси секоја друга боја. Треба да се обидете!

И двата совета имаат цел да внесат повеќе разновидност во исхраната. Тоа не е секогаш лесно кај малите деца, кои често инсистираат на истите три намирници и често одбиваат нови видови храна. Малите деца вообичаено се навикнати јадачи – тие најчесто јадат храна што родителите редовно ја нудат и самите ја јадат со задоволство.
Дали некој зеленчук или овошје е ново за вашето дете? Тогаш продолжете да го нудите. Наскоро цревната микрофлора на вашето дете ќе биде среќна!

Совети за развој на цревната микрофлора

За да се изгради здрава цревна микрофлора кај новороденчињата, во основа не е потребно ништо повеќе од тоа да се создадат оптимални почетни услови. Вагиналното породување и потоа непосредниот контакт кожа-на-кожа обезбедуваат одлична основа за првична и оптимална почетна колонизација.

Важно: Ако вагиналното породување не било можно поради различни причини, или ако непосредно после раѓањето морало да се одложи создавањето врска со бебето преку контактот кожа-на-кожа поради медицински причини, тоа можеби не претставува идеален почеток. Но, не грижете се доколку ова се однесува на вас и вашето дете. Дури и ако следните чекори одземат малку повеќе време, здрава цревна микрофлора може да се развие и тогаш кога првите моменти од животот не се одвивале токму онака како што сте се надевале.

Доколку не доите или не планирате да доите подолг период, млечната формула со пробиотици и пребиотици може да помогне во развојот на здрава цревна флора во текот на бебешката возраст. Најдобро е за ова да се консултирате со вашиот педијатар.

Свежата и разновидна исхрана по првиот роденден исто така го поттикнува долгорочниот развој на здрава цревна микрофлора. Како може тоа да изгледа во секојдневието: 

Појадок: Интегрални мусли, овесна каша или леб од интегрално брашно, во комбинација со свежо овошје или сезонски зеленчук. Во зимскиот период, изборот на свежи производи е помал, па затоа може да се користат и замрзнати производи – тие често содржат повеќе витамини и хранливи материи отколку свежото овошје и зеленчук кои се увезени од далечни земји и патувале долго време.  

Ручек: Разновиден зеленчук во комбинација со прилог како компир, интегрален ориз или интегрални тестенини. Додадете и извор на протеини, како месо, јајце или тофу.

Попладневна ужинка: Соодветни јаткасти плодови или суво овошје во мали количини во согласност со возраста на вашето дете, јогурт или некое овошје.

Вечера: Каша од интегрални житарици, интегрален леб или слични производи во комбинација зеленчук и лесни додатоци, обично претставуваат одличен избор за создавање добра основа за мирен ноќен сон.

Доколку го доите вашето дете и по првиот роденден, мајчиното млеко останува одличен додаток на исхраната, затоа што обезбедува важни хранливи материи и диететски влакна и му помага на детето за оптимална дигестија. Внимавајте исто така детето да внесува доволно течности – со секој оброк понудете му чаша вода или незасладен чај. 

Често поставувани прашања за развој на цревната микрофлора

Како можам да препознаам нарушена цревна микрофлора?

Кога цревната микрофлора не функционира оптимално, тоа обично значи дека е нарушена колонизацијата со „добри” бактерии (дисбиоза). Вообичаени симптоми на оваа состојба се:

  • Надуеност, гасови
  • Болки во стомакот, грчеви
  • Хронична дијареа или запек
  • Општа слабост и непријатност
  • Ослабен имунитет, чести инфекции

Детална медицинска дијагноза ќе покаже дали ова е случај и кај вашето дете. 

Во повеќето случаи, рамнотежата може да се врати со здрава и балансирана исхрана. Дополнително, внесот на пробиотици може да помогне. За да му помогнете на детето да развие здрава цревна микрофлора, можете:

  • Да обезбедите свежа и балансирана исхрана
  • Да го ограничите внесот на шеќери
  • Да понудите кисели млечни производи (кефир, урда, сирење)
  • Почесто да вклучувате храна богата со диетески влакна (зелен зеленчук, ленено семе, интегрални производи)

Кои намирници му помагаат на детето при дигестија? 

Децата кои често страдаат од гасови, запек или хронична дијареа, обично имаат неурамнотежена цревна микрофлора. За да се врати рамнотежата и да се нормализира на варењето, понудете ги следниве намирници:

  • Пробиотски производи (кисела зелка, кисело цвекло, краставички или млечни производи со живи култури како кефир, ајран, итн.)
  • Намирници богати со диететски влакна (ленено или чиа семе, интегрални производи, бобинки, суво овошје)

Шарена чинија со разновидни компоненти при секој оброк е добар начин долгорочно да се поддржи варењето на вашето дете.

Што да му се дава на бебе за обновување на цревата по терапија со антибиотици?

Сериозната инфекција претставува стрес за организмот на детето. Затоа, одморот е особено важен за бебето или малото дете добро да се опорави. Антибиотиците, кои се неопходни во вакви случаи, помагаат патогените бактерии да се уништат што е можноо побрзо. Меѓутоа по терапијата, цревата може да дојдат во дисбаланс. 

За да помогнете во обновување на цревната микрофлора кај вашето дете, можете да:

  • Го доите почесто. Мајчиното млеко содржи бројни живи клетки и диететски влакна кои ја зајакнуваат цревната флора.
  • Ако не доите или сте престанале да доите, да дадете формула со про- и пребиотски компоненти. Пробиотиците и пребиотиците во формулата позитивно влијаат на колонизацијата на цревата со добри бактерии.
  • Да нудите пробиотска и храна богата со диететски влакна. Така цревната флора добива бифидо и млечно-кисели бактерии, кои се неопходни за оптимално варење.

Можам ли да се забрза развојот на цревната микрофлора кај детето?

Многу родители се прашуваат дали треба да започнат со зајакнување на цревната флора истовремено кога се користат антибиотици. Сепак, додатоците со пробиотици не се препорачуваат додека трае терапијата со антибиотици, бидејќи најпрво треба ефикасно да се униѓтат штетните микроорганизми. Во тој процес често се намалуваат и добрите бактериски култури, па затоа пробиотиците најдобро делуваат откако ќе заврши антибиотската терапија.  

Во комбинација со доволно одмор и лесна, соодветна исхрана, може да започне постепено зајакнување на цревата. Кај бебињата и малите деца, најчесто е доволно да продолжат со доење или со соодветна млечна формула. Од периодот на воведување на дохрана, може да се додаде и пробиотска и храна богата со диететски влакна. На овој начин, добрите бактериски култури повторно ја населуваат цревната слузокожа, враќајќи ја рамнотежата на дигестивниот систем и имунолошката функција.

Информации за авторот

Сабрина Сајлер од 2010 година е волонтерски советник за доење и сертифициран консултант за грижа за бебиња. Работи како автор и уредник на текстови, а воедно е одговорна и за различни програми поврзани со усогласувањето на семејниот и професионалниот живот.