Гестациски недели:
12-та гестациска недела: Време е да кажете дека сте бремена
Веќе сте во 12-тата недела од бременоста и време е да му соопштите на вашиот работодавец дека сте бремени. На работното место имате право на сите заштитни мерки кои се законски регулирани за идните мајки. Вашето бебе во оваа недела има големо поместување во развојот.
Големина на Вашето бебе во 12-тата недела од бременоста
Досега, Вашето бебе е со големина повеќе од 5 cm, што значи дека е големо колку големо јајце и тежи околу 16 грама. Големината може да варира, бидејќи секое дете се развива со свое темпо. Вашето бебе постојано се движи во матката, и поради тоа е тешко целосно точно да се измери неговата големина. Друга причина поради која бебињата во оваа фаза не се сите со иста големина е однапред одредената генетска предиспозиција на мајката и таткото. Овие разлики во должината и тежината ќе станат уште поизразени во текот на вториот триместар, кој започнува за две недели.
Развој на Вашето бебе
Во 12-тата недела од бременоста, како и во наредните недели, Вашето бебе ќе расте се повеќе и повеќе. Како што станува се поголемо и поголемо, неговите витални внатрешни органи ќе почнат да работат: на пример, желудникот сега е способен да апсорбира супстанции. Како резултат на тоа, Вашето бебе сега ќе почне да голта мали количини од плодовата вода, што ќе му овозможи да го вежба дишењето, голтањето и внесувањето храна. Во оваа фаза од развојот, бебето сеуште не се има научено да ја голта плодовата вода (секако за тоа му треба пракса дури и по раѓањето – новороденчињата кои лакомо пијат од дојките на мајката многу често се “засркнуваат”).
Вашето бебе ќе биде многу активно во 12-тата недела, и ќе го користи просторот што го има за да ги прави сите видови гимнастика.
Исто така, за прв пат може да реагира на дразби, а тоа е возможно бидејќи проводниот систем на срцето, нервниот систем и мозокот сега се доволно развиени. На пример, ако почувствува нешто пред неговата мала уста, ќе се активира рефлексот на цицање. Овој рефлекс ќе му го осигури опстанокот на новороденчето по раѓањето, бидејќи цицањето е единствен начин на кој може да добие храна во првите неколку месеци од животот.
Во овој период, тренирано око би можело да ги забележи благите движења на очните капаци на вашето бебе при преглед на ултразвук, а целосното затворање на неговите очи е нешто што треба сеуште да го вежба (подоцна, ова исто така ќе се развива како рефлекс). Ако однадвор го притиснете Вашиот стомак, бебето нагло ќе се одалечи од абдоминалниот ѕид. Ова е уште еден рефлекс, кој ќе се промени. Во текот на следните неколку недели бебето ќе почне да реагира на надворешните дразби вртејќи се кон нив.
Сè уште е невозможно да се одреди полот на Вашето бебе, и ќе треба да почекате уште малку - 16-тата недела е најрано кога лекарот може да види дали е девојче или момче. Меѓутоа, до сега ќе биде јасно дали очекувате близнаци или не.
Како се чувствува идната мајка во 12-та недела од бременоста
Сега веќе возбудено ќе ги очекувате првите слаби знаци на движење од Вашето бебе. За жал, и за тоа ќе треба да почекате уште малку, иако шансите за откривање на движењата на Вашето бебе се зголемуваат како што бебето станува се поголемо.
Вообичаени знаци и симптоми
Вашиот стомак полека расте
Сега постепено ќе почнете да забележувате како Вашиот стомак расте. Тоа е поради зголемената тежина т.е од зголемените резерви на маснотии во Вашето тело. Другите луѓе би можеле да го забележат Вашиот стомак дури во следните неколку недели, но доколку ова е Ваша втора или трета бременост, стомакот ќе биде видлив и порано. Ако им кажете на Вашето семејство и пријатели дека сте бремени, тие ќе се фокусираат на Вашиот стомак секој пат кога ќе се сретнете со нив.
Како што сега добивате тежина со брзина од 250 до 300 грама неделно, прашањето за облеката, а особено за наоѓање удобни работи за носење, ќе станува сè поголем проблем.
На Вас останува контролата и одговорноста за тоа колку ќе ја зголемите Вашата тежина. Здравата исхрана е клучна за ова: не јадете за двајца, хранете се здраво и урамнотежено и не заборавајте да вежбате доволно.
Недостаток на хранливи материи
Многу трудници понекогаш се чувствуваат уморни - тоа е нормален дел од бременоста. Меѓутоа, ако често се чувствувате уморно и ако нивото на железо е ниско, тогаш тоа е знак дека не внесувате доволно железо во Вашата исхрана. Ова е често случај ако сте вегетаријанка или веган.
Општо кажано, нема ништо лошо во вегетаријанската исхрана за време на бременоста. Меѓутоа, ако не јадете месо или риба, треба да обратите внимание како да го замените месото со друга храна која е богата со протеини и железо. Вегетаријанската исхрана која вклучува млеко и други млечни производи е апсолутно во ред, но трудниците кои се вегетаријанки треба особено внимателно да ја избираат храната за да осигураат доволна количина на хранливи материи.
Тоа може да биде вистински предизвик за вегетаријанките да добијат доволно железо за време на бременоста, бидејќи на Вашето тело му е полесно да го обработи железото во месото (познато како хем железо) отколку железото во растенијата - грашок, спанаќ, темно овошје и производи од интегрално брашно сите содржат железо, но само мали количини од него може да се апсорбираат од телото. Витаминот Ц може да Ви помогне да се зголеми внесот на железо, и со самото тоа му помага на Вашето бебе да се снабди со повеќе железо.
Накратко, треба да јадете повеќе храна која содржи железо во комбинација со овошје богато со витамин Ц.
За жените кои се вегани и не јадат месо, риба, млечни производи и јајца, добивањето доволно хранливи материи за време на бременоста е многу потешко. Ако досега сте биле на веганска исхрана, советувајте се со лекар или искусен нутриционист, да Ви препорача суплементи кои можат да Ви помогнат да ги добиете микронутриентите кои ви се потребни за да се избегне недостаток од хранливи материи.
Наш совет како за вегетаријанките така и за веганите е редовно да го посетуваат својот доктор за крвни анализи во текот на бременоста.
Прашања кои сакате да му ги поставите на вашиот лекар
Важни крвни анализи
Ако често чувствувате умор, би требало да го проверите нивото на железо преку крвни анализи. Според нив докторот ќе може да ви каже дали имате недостаток на хранливи материи, како што е ниско ниво на железо и ќе може да Ви препорача одредена храна или суплементи за да можете да го постигнете соодветното ниво на железо.