Skip to main content

Гестациски недели:

9-та гестациска недела: Малиот грашок добива облик на дете

Големина на Вашето бебе во 9-тата недела од бременоста

Од овој момент нероденото дете докторите го нарекуваат фетус. Фетусот е со големина од околу 2,6 cm, отприлика колку цреша (од 9-тата недела големината на фетусот може да се мери во сантиметри). И покрај тоа што Вашето бебе брзо ќе се зголемува во текот на следните неколку недели, во Вашата матка тоа сè уште има доволно простор  за вежбање, координација и усовршување на своите движења.

Развој на Вашето бебе

По клучниот ембрионски период, кој трае од зачнувањето до 8-та недела, Вашето бебе сега влегува во нова фаза од својот развој. Тоа повеќе не е толку чувствително и ранливо како во претходните неколку недели.

Сите негови витални органи се воспоставени до 9-тата недела, а проверката со ултразвук по правило би требало да се направи помеѓу 9-тата и 12-тата недела. Прегледот би требало да потврди дека сте бремени и да провери дали јајце клетката успешно се всадила во Вашата матка и дека Вашето бебе има нормални отчукувања на срцето. Исто така би требало да се потврди или прилагоди Вашиот термин за породување. Во оваа фаза, Вашиот лекар исто така ќе може да каже дали очекувате само едно бебе или пак близнаци.

Многу од внатрешните органи на Вашето бебе почнаа да работат, иако тие сè уште нема да прават се што на крајот ќе треба да направат.

Главниот развој во 9-та недела е формирањето на нервниот систем на Вашето бебе, што значи дека тоа може да почуствува дразби и да реагира на нив. Бебето сега постојано ќе вежба во текот на следните недели и месеци.

Вашето бебе според својот изглед се повеќе почнува да личи на човек. Главата му е исправена, се истегнува и ги користи екстремитетите за да ги направи своите први движења, кои засега се уште се како грчеви.

Прстите на рацете и нозете на Вашето бебе продолжуваат да се развиваат, а во 9-тата недела почнуваат да се формираат и нивните зглобови.  Мрежата која од самиот почеток ги спојуваше  прстите сега речиси целосно е исчезната, а исто така исчезнува и опашката, која се развива на почетокот заедно со 'рбетот и како што се развиваат  поединечните пршлени. Кога ќе се роди бебето, тоа ќе има 33 или 34 пршлени кои се флексибилно поврзани со интервертебралните дискови, кои му овозможуваат движење и свиткување.

За да се заштити нивниот нежен мозок, од 9-тата недела почнува да се создава коскениот череп (пред тоа беше составен само од 'рскавица). Останатите коски, исто така, продолжуваат да се формираат, иако тие се сеуште меки во овој период на развој и сеуште не ја усвоиле нивната конечна структура.

Исто така, во оваа фаза со забрзано темпо се развива мозокот на Вашето бебе: се формираат важни делови од неговиот мозок, кои ќе ги контролираат органските системи и нивото на хормоните. Дразбите кои ќе ги чувствува во текот на следните неколку недели ќе го поттикнат развојот на мозокот (бидејќи овие дразби треба да се обработат), а испраќањето на дразбите до мозокот преку нервниот систем го поттикнува развојот на  нервниот тракт. Мозокот на Вашето бебе сè уште нема да биде целосно развиен до моментот кога ќе се роди - всушност ни одблиску. Во раните години, Вашето дете ќе научи цела низа нови способности и вештини кои ќе му помогнат да се движи низ предизвиците на големиот свет, и дури кога ќе достигне рана зрелост, неговиот мозок ќе биде целосно развиен со сите потребни мозочни функции и ментални способности.

Како се чувствува идната мајка во 9-тата недела од бременоста

Типичните симптоми ќе продолжат да се ублажуваат, бидејќи до сега Вашето тело речиси целосно се прилагодило на променливото ниво на хормони. Можеби сè уште се чувствувате поуморни од вообичаено, но ова исто така треба да престане да биде проблем до крајот на третиот месец од бременоста. Тогаш ќе почнете да чувствувате големо чувство на исчекување и креативност и ќе бидете полни со енергија.

Вообичаени знаци и симптоми

Вашиот стомак сеуште не почнал да расте, но постојат други вообичаени знаци кои би можеле да ја издадат Вашата бременост. 

Промени на Вашата кожа и коса

Во 9-та недела, идните мајки често забележуваат промени на нивната кожа и коса. Косата кај некои жени станува погуста и посјајна, додека  кај други  жени станува потенка. Овие симптоми се предизвикани и од промена на нивото на хормоните како резултат на бременоста и, откако ќе се породите, тие брзо ќе се смират бидејќи нивото на хормоните ќе се врати во нормала. Нежното третирање на косата со благ шампон може да биде корисно.

Сè уште можете да ја исушите косата со фен, но треба да избегнувате бои за коса, бидејќи  хемикалиите кои ги содржат може да се апсорбираат преку коренот на косата и да влезат во крвотокот. На овој начин, овие супстанции можат да му наштетат на Вашето бебе. Сепак, тоа не значи дека не можете да направите ништо со Вашата коса: нежните нијанси и природните бои нема да предизвикаат никакви проблеми.

Вашата кожа, исто така, ќе реагира на хормоните кои сега минуваат низ Вашето тело. Од една страна, ќе стане помека и ќе има здрав сјај благодарение на зголемената циркулација на крвта, додека од друга страна, може да забележите неколку дамки на некои делови од кожата. Повторно, најдобриот одговор е нежниот третман - никогаш немојте да користите агресивна козметика против дамки за да ја подобрите Вашата кожа за време на бременоста.

Важни совети

  • Погрижете се да внесувате доволно калциум, кој им помага на органите на Вашето бебе да растат правилно.
  • Купете градник направен од удобен материјал кој ќе се прилагоди и ќе се растегнува додека Вашите гради растат (можеби е добра идеја да купите еден број поголем).
  • Правете нежни вежби секој ден, одете на прошетки и извршувајте си ги секојдневните обврски (качување по скали, чистење итн.). Жените кои се физички активни за време на бременоста обично имаат помалку симптоми и имаат полесно породување.
  • Разговарајте со Вашиот партнер и со семејството за се што Ви се случува во бременоста. Бременоста често го поттикнува заштитниот инстинкт на мажите.

Прашања кои сакате да му ги поставите на вашиот лекар

Чувствителни непца

Истите хормони поради кои Вашите гради стануваат поголеми, го омекнуваат ткивото и ги прават Вашите непца почувствителни, што значи дека можеби ќе забележите мали крварења кога ги четкате забите. Плунката исто така е поагресивна од вообичаеното (како стомачната киселина) и може да ги оштети забите - можеби сте ја слушнале народната поговорка „Добиватете дете, губите заб“. Погрижете се да ги чистите забите 2-3 пати на ден со средно мека до мека четка за заби. Исто така, Ви препорачуваме редовна посета на Вашиот стоматолог.

Крварење од носот

Од време на време може да забележите и крварење од носот. Ако се работи за мала количина на крв, тогаш нема потреба од никаков третман, но доколку имате поголеми проблеми прашајте го Вашиот лекар за совет како најдобро да се справите со тоа.

Информации за авторот:

Juliane Jacke-Gerlitz е регистрирана медицинска сестра. Повеќе од десет години таа ги советува мајките и доилките. Моментално работи како медицински писател и психолошки консултант. Juliane Jacke-Gerlitz е во брак 22 години, мајка е на осум деца и живее со нејзиното семејство во Halle.