Skip to main content

Гестациски недели:

25-та гестациска недела: Ги забележувате првите лажни контракции бидејќи телото се подготвува за породувањето

Големина на Вашето бебе во 25-та недела

Со големина од 34 до 35 сантиметри, Вашето бебе е веќе големо како целер. Тоа тежи околу 750 грама. Ова значи дека ставило уште 50 грама од минатата недела. Зголемувањето на телесната тежина ќе продолжи се до породувањето – со околу 50 грама  секоја недела.

Ако очекувате близнаци, тежината на Вашите бебиња се разбира ќе се развива малку поинаку: тие ќе добиваат на тежина помалку.

Во 25-тата недела, Вашето бебе сè уште има простор за вежбање, иако не толку многу како порано, и за кратко нема да има простор за оваа важна активност. Наскоро ќе му биде малку понеудобно во матката, а Вие ќе се чувствувате се помалку комфортно како што ќе поминуваат неделите.

Развој на Вашето бебе

До 25-тата недела, очите на бебето се целосно развиени и постојано ги отвора и затвора. Во оваа фаза недостасува само бојата на ирисот (шареницата), иако тоа е утврдено во моментот на зачнувањето од генетскиот материјал од Вас и Вашиот партнер и ќе дојде во догледно време.

Во поткожните слоеви на кожата, капиларниот систем (кој се состои од ситни крвни садови наречени капилари кои транспортираат крв богата со кислород и ја снабдуваат кожата со клучните хранливи материи) сега почнува да се развива. Сега кога неговата кожа се снабдува со крв, таа се повеќе ќе ја добива својата розова боја.

Се развива и чувството за рамнотежа кај Вашето бебе, и на тој начин може да ги усоврши своите движења и да се движи посуптилно и со поголема контрола од порано.

На пример, сега може да го допре врвот на носот со прстот и да го стави палецот до устата за да го цица.

Кога е активно, тоа постојано ќе ја менува својата позиција. Кога се одмара, тоа обично ќе биде во еден вид на седечка положба, со колена собрани до телото и спуштена глава.

Развој на белите дробови 

Белодробното ткиво на бебето обично почнува да се формира во 16-та недела и, штом ќе се случи тоа, сложениот развој на белите дробови брзо напредува. На Вашето бебе ќе му требаат белите  дробови за да дише штом ќе излезе од матката бидејќи повеќе нема да ја има папочната врвца за да го снабдува со кислород.

Белите дробови не се целосно развиени до 25-тата  недела, па сè уште не може самостојно да дише. Ова значи дека неговите шанси за преживување  надвор од матката се екстремно мали, иако неонатолозите (докторите специјализирани за новороденчиња и предвремено родени бебиња) сега имаат вештини и технологија за да им дадат шанса да се борат.

Вашиот лекар, на ултразвук  може многу јасно да види како се развиваат белите дробови. Ова може да биде клучно ако постои ризик од предвремено раѓање, бидејќи постојат лекови кои можат да го забрзаат развојот на белите дробови на нероденото бебе.

Како се чувствува идната мајка во 25-тата недела од бременоста

Во стомакот сега постојано го чувствувате движењето и можеби ќе ги препознаете кога малите бебешки рачиња и ноџиња ќе го притискаат  абдоминалниот ѕид во форма на модринки или испакнатини. Сега веќе ќе Ви биде јасно дека Вашето бебе е изненадувачки силно - ако удри  со ноџињата во органите околу Вашата матка и тоа може навистина да боли.

Вообичаени знаци и симптоми

Болка во стомакот

Постојат неколку можни причини за болки во стомакот за време на бременоста: притисокот што Вашата матка го врши врз околните органи, преоптоварен желудник, полн мочен меур или гасови во цревата. Овие симптоми се нормални, но ако станат посериозни, посетете го Вашиот лекар.

Совет од акушека

“Ако приметите некои од овие симптоми, треба да почнете да јадете помали оброци почесто наместо еден голем оброк. На овој начин ќе избегнете  преоптоварување на Вашиот желудник.“ Dorothee Kutz, акушека

Вежбајте контракции пред породувањето

Нешто друго што може да го забележите во 25-тата  недела е дека Вашата матка се затегнува во кратки временски периоди. Овие контракции (формално наречени Бракстон Хикс контракции) можат да се случат без никакво предупредување во секое време, дење или ноќе, и на овој начин Вашето тело  ги подготвува своите мускули за претстојното раѓање.

Иако ова затегнување може да Ве запре во она што сте го правеле моментално, тоа нема да биде болно. Вашата матка се собира, но овие  контракции сè уште не се толку интензивни колку што ќе бидат за време на породувањето, бидејќи Вашето тело сè уште не ги произведува потребните хормони. Како резултат на тоа, овие контракции нема да резултираат со проширување на грлото на матката.

Познато е дека контракциите исто така може да влијаат на менталната состојба на идната мајка: стресот или емоционалното оптеретување може да ги направат поинтензивни и почести. Ако е ова случај со Вас, закажете преглед кај Вашиот лекар за да бидете сигурни дека овие контракции не влијаеле на грлото на матката.

Важни совети

  • Погрижете се да правите редовни паузи.
  • Обидете се да ги исецкате и дробите урмите, смоквите, индиските ореви, какаото во прав и кокосовото масло и да ги формирате во „енергетска бомба“ – ова може да биде одличен начин за брзо подигнување на енергијата.
  • Ако имате исцедок, не носете ароматизирани  влошки за гаќички.
  • Најдете удобна положба за спиење на страна, така што тежината на Вашата матка нема да врши притисок врз внатрешните органи или крвните садови.

Прашања кои сакате да му ги поставите на Вашиот лекар

Сигурно во главата веќе почнуваат да ви се вртат разни мисли и грижи. Секогаш вреди да ги запишете за да не заборавите да го прашате Вашиот лекар на следниот преглед. 

Интензитет на контракции 

Ако не сте сигурни дали Вашите контракции се навистина безопасни, прашајте го Вашиот лекар. Тој ќе може да Ви покаже и објасни дека тоа не се вистински контракции какви што се случуваат предвреме со спроведување на кардиотокографија (CTG). Исто така ќе провери дали грлото на матката е како што треба.

Важно е да се знае дека скоро секоја бремена жена  порано или подоцна ќе прави CTG, во некој момент од 29-та недела. Чукањето на срцето на Вашето бебе ќе се проверува секогаш кога ќе одите на преглед, и бидејќи тоа не е можно да се слушне со стетоскоп до релативно доцна во бременоста, лекарот обично користи фетален монитор или CTG  за да го слушne (ова има и предност бидејќи  можете да го слушнете и Вие). Рутински CTG вообичаено не е потребен за време на бременоста и се спроведува само во одредени околности, како на пример ако постои ризик од предвремено раѓање, ако добиете предвремени контракции, ако не сте породиле до датумот на породување или ако Вашето бебе има неправилно отчукување на срцето.

Мали порции храна за идната мајка 

Вашиот лекар може да ве советува за тоа кои навики во исхраната треба да ги стекнете од 25-тата  недела за да се осигурате дека Вие и Вашето бебе ги добивате потребните хранливи материи за да се чувствувате добро. Ќе Ви биде се потешко да јадете големи оброци, а вашиот дигестивен систем може да Ви предизвика проблеми, па затоа е добра идеја да ги слушате советите кои ви ги дава.

Енергетските барови се полни со влакна, го помагаат варењето и Ве снабдуваат со важни витамини и минерали. Многу жени уживаат во нив и кога дојат, бидејќи се здрав начин за зголемување на нивото на енергија.

Информации за авторот:

Juliane Jacke-Gerlitz е регистрирана медицинска сестра. Повеќе од десет години таа ги советува мајките и доилките. Моментално работи како медицински писател и психолошки консултант. Juliane Jacke-Gerlitz е во брак 22 години, мајка е на осум деца и живее со нејзиното семејство во Halle.