Skip to main content

Гестациски недели:

19-та гестациска недела: Се оформува мозокот на Вашето бебе

Големина на Вашето бебе во 19-тата недела од бременоста

Вашето бебе е со должина од околу 15 сантиметри, приближно колку банана. Тежи отприлика колку и една банана (околу 200 грама), или отприлика колку чоколадо или чашка јогурт. Што значи, неговата  тежина сè уште нема да Ви прави проблеми.

Во 19-тата недела, бебето сè уште може слободно да се движи наоколу и да ги тренира своите мускули, иако тоа ќе се промени во следните неколку недели бидејќи  ќе станува се поголемо и ќе добива поголема тежина.

Развој на Вашето бебе

Сетилните органи на Вашето бебе сега се толку добро развиени и јасно реагираат на тишина и на галама. Ова е прва фаза на прилагодување на животот надвор од матката и на Вашиот личен ритам.

Малото човече кое расте во Вас има голема потреба за вниманието кое го добива. Реагира на топлината на рацете кога ќе ги ставите на стомак. Ова е првата интензивна комуникација помеѓу Вас и Вашето бебе. Таткото, браќата и сестрите, блиските роднини и пријатели исто така можат да го воспостават првиот контакт на овој начин.  

Во 19-тата недела, Вашето бебе јасно ги слуша гласовите и ги препознава. Особено по раѓањето, мајчиниот глас делува смирувачки на новороденчето. Тогаш заедно со мирисот може да почувствува дека се наоѓа во сигурно и познато опкружување. 

Мозокот на Вашето бебе се развива многу брзо во 19-тата недела, особено деловите кои се одговорни за сетилната перцепција (вкус, мирис, слух, вид и допир).

Бебето продолжува и понатаму да го вежба својот рефлекс на цицање и често ќе го цица палецот. Оваа способност ќе му помогне да остане смирено и опуштено откако ќе биде надвор од матката, бидејќи со цицањете ќе ја добива потребната храна и ќе ја зајакнува својата самодоверба.

Рефлексот на фаќање, кој го вежба со движење на прстите и формирање на тупаница, е исто така многу важен. Бебето може да го штипне носот и да посегне по папочната врвца и да ја повлече.

Кожата на Вашето бебе станува се подебела, што значи не е проѕирна како порано.

Дали очекувате момче? Иако скротумот ќе биде јасно видлив во 19-тата недела, тестисите остануваат во стомакот и се спуштаат во скротумот  непосредно пред раѓањето. Од 16-тата недела од бременоста, машките бебиња произведуваат тестостерон кој игра клучна улога за развојот на тестисите. 

Дали очекувате девојче? До 19-тата недела, неколку милиони јајце клетки веќе се формирани во нејзините јајници, и тие ќе продолжат да созреваат кога таа ќе се развие од девојче во жена за време на пубертетот. Оттогаш, секој месец по една јајце клетка ќе ги напушта јајниците за да се оплоди. Ова значи дека јајце клетките што може да се оплодат подоцна во животот се формираат многу пред да се роди Вашето девојче.

Како се чувствува идната мајка во 19-тата недела од бременоста

Вашиот стомак и Вашето бебе стануваат се поголеми, а Вие станувате се потешки. Меѓутоа, во моментов, зголемената тежина на Вашето бебе е само мал дел од тоа – матката која расте,  плацентата, резервите на маснотии и плодовата вода се главните причини за Вашата моментална телесна тежина.

Веројатно се прашувате како ќе се справите со килограмите кои ќе ги добиете во текот на следните месеци додека да се породите. Не грижете се: хормоните на бременост ги прават Вашите зглобови помеки, а тетивите пофлексибилни, и на тој начин  Вашето тело ќе може да се справи со тежината која  ја добивате.

Вообичаени знаци и симптоми

Како и во секоја фаза од бременоста, во 19-тата недела сигурно ќе имате знаци или симптоми кои претходно не сте ги доживеале. Овие симптоми може да бидат различни и се индивидуални од жена до жена. 

Зголемен апетит

Поради влијанието на хормоните на Вашето тело, може да имате зголемен апетит во 19-тата недела од бременоста. Многу жени имаат зголемен апетит во текот на ноќта. На тој начин Вашиот организам ги добива потребните хранливи состојки кои итно му се потребни за да може да се носи со се поголемиот раст на Вашето бебе. 

Јадете кога ќе почувствувате потреба за храна, но запомнете да јадете помали количини и обидете се да избегнувате нездрава храна.

Потреба за уринирање

Веројатно веќе сте забележале дека морате многу почесто да одите во тоалет. Секогаш одете кога ќе имате потреба, бидејќи тоа помага Вашиот мочен меур да се ослободи од патогени кои инаку би можеле да предизвикаат проблеми.

Тешки, болни нозе и отечени стапала

Дури и ако не сте оделе долго или пак стоеле, нозете може да ги чувствувате тешки и малку болни. Ова е поради недоволниот повратен проток во крвта и лимфниот систем, што понекогаш е неизбежно со оглед на огромната работа што ја вршат Вашето срце и крвните садови за време на бременоста. Повратниот проток може да биде особено лош во лето - многу бремени жени страдаат од тешки нозе на високите температури.

Затоа искористете ја секоја прилика да седнете или да легнете со нозете во крената положба. На овој начин ќе се обезбеди доволно крв да циркулира низ Вашите вени и вашиот лимфен систем да работи како што треба, што ќе помогне отечените стапала побрзо се вратат во нормала. За да го потпомогнете овој процес се препорачува масажа на стапалата. Ова ќе го намали напорот и ќе ви помогне полесно да заспиете. За ова можете да користите и масло за масажа. Во летниот период може да Ви биде корисна и студена купка за нозе.

Совет од акушерка

„Навечер, истријте ги нозете со смирувачки крем или гел за ладење, а потоа седнете со кренати нозе. Добра е да носите компресивни чорапи во текот на денот, дури и ако немате проширени вени.“ Dorothee Kutz, акушерка

Забрзан метаболизам

За време на бременоста Вашиот метаболизам работи со полна брзина и лесно може да се наруши балансот на електролити: задржувањето на водата во ткивата, предизвикано од хормоните, и измената  на плодова вода бара многу од Вашето тело. Дел од плодовата вода се апсорбира и се обработува од фетусот, а крајниот производ се враќа во Вашиот крвоток. Крвта што содржи делови од плодовата вода потоа се чисти од Вашиот црн дроб и циклусот на размена продолжува. Волуменот на плодовата вода се зголемува како што бебето расте во текот на целата бременост.

Со редовен внес на течности како што е минерална вода и сокови со ниска киселост можете да му обезбедите на Вашето тело доволно течност и да им помогнете на своите органи да ја работат својата работа.

Важни совети

  • Одморете ги нозете и држете ги во подигната  положба што е можно почесто.
  • Погрижете се да внесувате доволно течности за поддршка на Вашиот метаболизам.
  • Почестете се со масажи на стапала за да ги опуштите стапалата.
  • Користете појас за трудници за да ги зајакнете Вашите мускули.

Прашања кои сакате да му ги поставите на Вашиот лекар

Тренирајте ги мускулите и тетивите

Појасите за стомак може да бидат исклучително корисни, бидејќи делумно се направени од еластан, така што цврсто се оптегнуваат околу вашиот стомак и пружаат добра поддршка за стомакот и грбот. Распрашајте се кои вежби се најефективни за 19-тата недела и не заборавајте да продолжите да ги тренирате и мускулите на карлицата.

Како можете да им помогнете на вените

Ако веќе имате проширени вени или имате генетска предиспозиција за нив или ако во Вашето семејство има срцеви заболувања, прашајте го Вашиот лекар дали би било добра идеја да носите компресивни чорапи во текот на бременоста.

Овие чорапи се многу еластични и го одржуваат  протокот на крв, што ги прави ефикасен начин за спречување на појава проширени вени. Кога патувате со авион, задолжително треба да носите компресивни чорапи!

Информации за авторот:

Juliane Jacke-Gerlitz е регистрирана медицинска сестра. Повеќе од десет години таа ги советува мајките и доилките. Моментално работи како медицински писател и психолошки консултант. Juliane Jacke-Gerlitz е во брак 22 години, мајка е на осум деца и живее со нејзиното семејство во Halle.