Гестациски недели:
Петта недела од бременоста: Неизвесноста заврши
Петата гестациска недела го означува почетокот на вториот месец од бременоста. Поминаа три недели откако настана оплодувањето на јајце клетката.
Големина на Вашето бебе во 5-тата недела од бременоста
Во 5-тата недела од бременоста, сèуште не е можно да се види како расте бебето во Вашиот стомак со надворешен ултразвучен преглед. Сепак, вагиналниот ултразвук со помош на сонда ќе може да ја открие амнионската празнина каде што сега се наоѓа Вашето бебе и ќе биде неговиот дом во наредните месеци. Кога би можеле да го видите, би можеле да кажете дека изгледа како ситно семе од сусам.
Развој на Вашето бебе
Во 5-тата недела, од оплодената јајце клетка која веќе многукратно се поделила, се формира облик на издолжена „низа“. Според својот облик се уште не наликува на бебе, иако сите човечки карактеристики се веќе на своето место. Во текот на оваа недела се случува првиот и најважен развој: формирање на мозокот на Вашето бебе.
Исто така, сега почнуваат да се развиваат неговите нерви, кои еден ден ќе ги контролираат сите процеси во неговото тело. Ова значи дека тие се неверојатно важни - всушност, животот би бил невозможен без нив.
Од 22-от ден по оплодувањето (6-тата гестациска недела), ултразвукот ќе може да ја открие активноста на срцето на Вашето бебе. Во оваа фаза, би можеле да си помислите дека во телото на бебето има само срце. Ова еден од најважните органи, и на почетокот е непропорционално голем во однеос на се останато. Ритамот со кој чука срцето на бебето е два пати побрз од ритамот со кој чука срцето на мајката.
Дали знаевте дека во ниту една фаза од бременоста Вашето бебе не добива кислород преку белите дробови? Всушност, единствениот начин да го добие потребниот кислород е преку плацентата. Дури откако ќе се роди бебето со првото вдишување добива кислород во белите дробови.
Како се чувствува идната мајка во 5-тата недела од бременоста
Доколку немате добиено менструација или пак имате позитивен тест за бременост, би требало да посетите гинеколог. Тој ќе направи уште еден дополнителен тест за да утврди дали јајце клетката се имплантирало во матката а не во јајцеводот. Вашиот гинеколог ќе ја провери Вашата медицинска историја, за да ги добие сите потребни информации за Вашата моментална здравствена состојба.
На првиот преглед, ќе биде регистрирана Вашата бременост. Вашиот гинеколог секогаш ќе го забележува вашиот напредок и во која недела од бременоста сте. Ќе се евидентираат сите тестови и резултатите од тестовите на крвта, како и Вашиот крвен притисок и зголемувањето на телесната тежина.
Дали сте знаеле?
Акушерките можат да потврдат дали сте бремени или не, да ја регистрираат бременоста и да ги спроведат скоро сите потребни прегледи, како што се мерење на крвниот притисок, мерење на тежината, тестирање на нивото на урина и крв, одредување на положбата и големината на Вашето бебе и проверка на правилното чукањето на срцето. Сепак, тие не можат да вршат ултразвучно скенирање - тоа е работа за Вашиот лекар.
Вообичаени знаци и симптоми
Силни гадења
Кога жените ќе дознаат со сигурност дека се бремени, симптомите како што е гадењето може да се зголемат. Ова е делумно поради тоа што телото ослободува се поголема количина од хормонот hCG, а делумно поради емотивниот стрес низ кој поминува трудницата во овој период.
Променливи хормони
Обратете особено внимание на она што Ви го кажува Вашето тело. Жените кои планирале бременост и останале бремени, се подеднакво изненадени од од ова чудо на природата како и жените чија што бременост била непланирана. И покрај сета загриженост и збунетост која може да Ви ја донесат вестите како оваа, хормоните во бременоста создаваат чувство на огромна радост: идната мајка мора да биде во добра ментална состојба за да може да се справи со сите промени што ќе ѝ претстојат.
Зголемување на телесната тежина
Ако застанете на вага, ќе забележите дека сте добиле на тежина. Вашето тело сега ги складира резервите кои му се потребни за бременоста, за породување и за периодот по породувањето. Масните наслаги и тежината на амнионската течност (плодовата вода), плацентата и градите (плус, се разбира Вашето бебе!) придонесуваат за зголемување на телесната тежина. Вашето тело исто така може да задржи повеќе вода од вообичаеното, што исто така ќе доведе до зголемена телесна тежина.
Прашања сакате да му ги поставите на Вашиот лекар
Лекарства и додатоци во исхрана
Известете го Вашиот доктор за сите лекарства и суплементи кои ги користите бидејќи треба да бидат внимателно проверени и дозирани. Одредени типови на витамини можат да бидат штетни во оваа фаза, ако ги конзумирате во големи количини. Постојат специјално дизајнирани суплементи кои им ги обезбедуваат на жените хранливите материи и витамините кои им се потребни во текот на бременоста, и затоа побарајте совет за тоа што е најдобро за Вас.
Дополнителни прегледи во случај да почувствувате посериозни симптоми
Разговарајте со Вашиот доктор за тоа дали Ви требаат дополнителни прегледи. Важно е да знаете кои од симптомите во бременост се нормални, а кои не се: на пример, интензивното повраќање може да доведе до електролитен дисбаланс, кој може да ги намали виталните материи кои му се потребни на Вашето тело.