Гестациски недели:
18-та гестациска недела: Раст на бебето
Големина на Вашето бебе во 18-тата недела од бременоста
Во 18-тата недела од бременоста Вашето бебе ќе биде со должина помеѓу 12,5 и 14 cm, што е отприлика големо колку мешунка грашок. Ова го прави потполно со иста големина како и плацентата која го снабдува со се што му е потребно. Тоа ќе тежи околу 145 грама, а сега неговиот развој навистина ќе се забрза бидејќи треба да порасне и да се здебели пред раѓањето.
И плацентата и папочната врвца се приспособуваат на зголемените потреби на Вашето бебе за хранливи материи во оваа фаза на брз раст, во 18-тата недела од бременоста. Папочната врвца сега веќе е подолга, подебела и поцврста, што е важно за да се обезбеди зголемен проток на крв и да го издржи Вашето бебе додека си игра со неа и ја користи како вежба на фаќање. Папочната врвца замислете ја како негова прва и омилена играчка пред самото раѓање.
Развој на Вашето бебе
Во 18-тата недела, телото на Вашето бебе е се поблиску до пропорциите што ќе ги има во моментот на раѓањето. Екстремитетите (рацете и нозете) сега растат исклучително брзо, а на главата се формираат првите влакна.
Крвта на Вашето бебе тече низ папочната врвца до плацентата, каде што се збогатува со кислород и хранливи материи што му се потребни пред да се врати во телото назад преку папочната врвца. Иако, Вашиот и крвотокот на Вашето бебе се тесно поврзани сепак, крвта на мајката и на детето меѓусебно нема да се мешаат. Тоа е затоа што плацентата делува како бариера или филтер, и го заштитува Вашето бебе од влијанието на штетните материи.
Од 18-тата недела, ќе можете да го видите малото срце на Вашето бебе како чука на ултразвук и Вашиот лекар може да провери дали има некакви аномалии. Ако вие или член на семејството имате проблеми со срцето или не сте сигурни, разговарајте со за тоа со Вашиот лекар.
Како се чувствува идната мајка во 18-тата недела од бременоста
Во 18-та недела, ќе бидете полни со сила и енергија. Ќе бидете креативни и ќе сакате да создадете сигурен и удобен дом за Вашето идно семејство.
Иако ги правите сите овие планови и постапувате според нив, сепак, не претерувајте - имате доволно време пред да дојде бебето.
Сега треба да избегнувате кревање и носење на тешки предмети, на пр. мебел за бебиња и не треба да бидете на нозе премногу долго. Една работа што можете да ја направите за да ги избегнете проширените вени и да им помогнете на Вашите нозе е да правите доволно паузи и да седнете или да легнете со нозете во крената положба.
Можеби веќе сте забележале дека Вашиот центар на рамнотежа се поместил поради Вашиот стомак кој е сега поголем. Затоа вежбајте одржување на рамнотежата со наизменично префрлање на тежината на едната на другата нога додека стоите.
Ако ова е Вашето второ дете, веројатно веќе ќе можете да ги осетите првите движења на детето во 18-тата недела од бременоста. Во следните неколку недели можете да очекувате движењата да се поинтензивни. Ако ова е Вашето прво дете, веројатно ќе треба да почекате уште малку.
Вообичаени знаци и симптоми
Крвниот притисок може да варира
Повремено може да почувствувате вртоглавици. Причината за ова е тоа што Вашето тело мора да работи многу напорно, во комбинација со зголемениот волумен на крв кој се пренесува преку Вашите крвни садови. Вашиот крвен притисок моментално е малку понизок од нормалниот и може брзо да се намали за миг ако правите нешто напорно, што може да Ви предизвика вртоглавица. Ако тоа се случи, седнете или легнете со нозете во крената положба. Нема да биде потребно многу време за Вашето тело да се прилагоди и наскоро ќе се чувствувате подобро.
Вашиот лекар со редовен преглед на крвниот притисок може да види дали имате многу нисок крвен притисок. Во речиси сите случаи, нискиот крвен притисок може да се реши со конзервативна терапија која одговара на ритамот на секојдневниот живот за време на бременоста. „Тренингот за вени”, кој вклучува затегнување и релаксирање на мускулите на нозете, исто така може да помогне при низок крвен притисок и проширени вени.
Кога желудникот се бунтува
Честото подригнувањето може да се појави поради зголеменото лачење на желудочна киселина во текот на бременоста. Ако тоа Ви се случи, седнете исправено и јадете малку побавно, и во иднина колку што е можно повеќе избегнувајте кисела храна. Џвакањето на леб и бадеми или пак јадење на производи од компир или пак овесни снегулки се добар начин за ублажување на подригнувањето.
Често се чувствувате уморни
Сосема е нормално да се чувствувате почесто уморни, впрочем многу нешта се случуваат во Вашето тело. Во текот на бременоста Ви требаат многу минерали во трагови кои можеби не секогаш ги добивате. Затоа, Ви препорачуваме да го зголемите внесот на железо, бидејќи железото го врзува кислородот во крвта и помага и Вие и Вашето бебе да го добиете потребниот кислород. Фокусирајте се на јадење оброци и пиење сокови кои содржат големи количини на железо, како што е благ сок со црвено овошје.
Вашето тело се чувствува поинаку
Додека возбудено го гледате Вашето бебе како расте, ќе забележите дека Вашето тело почнува да се чувствува поинаку. Одењето ќе стане понапорно, Вашите нозе ќе ги чувствувате потешки и ќе Ви требаат повеќе паузи отколку порано - ова е сосема нормално.
Можеби ќе Ви биде потешко да заспиете ако вообичаено спиете на грб, бидејќи Вашиот стомак ќе ги притиска органите и крвните садови. Перницата за доење (ако веќе имате таква) ако ја ставите меѓу нозете може да Ви помогне удобно да спиете на страна.
Прашања кои сакате да му ги поставите на Вашиот лекар
Вежби за зајакнување на вените
Вашиот лекар или патронажната сестра може да Ви покажат вежби кои се специјално дизајнирани за зајакнување на вените, тренирање на циркулацијата на крвта и спречување на проширени вени. Ова е особено важно ако членовите на Вашето семејство страдаат од проширени вени. Постојат специјални креми кои можете да ги втриете во Вашата кожа за да Ви помогнат, а кои можете да ги најдете во Вашата локална аптека.
Подготовка за породување
Распрашајте се за курс за курсеви за бремени.
На овие курсеви покрај тоа што ќе научите за процесот на породување, ќе добиете многу совети како да се подготвите за самото породување. Вашиот партнер или пак добар пријател/пријателка, некој од семејството, исто така може да учествуваат во курсот за бремени – кои вообичаено се одржуваат навечер – и ќе научат како може да ви помогнат пред и по породувањето.
Крвен притисок
Вашиот лекар може да Ви препорача на кој начин можете да го одржувате стабилен Вашиот крвен притисок.
Мала вежба која можете да ја правите секое утро пред да станете од кревет е да правите е да возите велосипед со нозете дигнати нагоре, во воздух. Ова ја забрзува циркулацијата и позитивно влијае на нискиот крвен притисок.